Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска учествуваше на 49-та сесија на Советот за човекови права на ОН во Женева.
Како што соопшти МНР, во своето видео обраќање, Османи истакна дека не може да се зборува за човековите права во нашата земја и во светот, без притоа да не изразиме сериозна загриженост за влошената состојба со основните човекови права на украинските граѓани како резултат на воената агресија од страна на Русија.
-Ова претставува сериозно кршење на меѓународното право, Повелбата на ОН, принципите и заложбите на ОБСЕ и ја загрозува глобалната стабилност, порача Османи.
Тој потенцира дека човековите права и нивната заштита треба да бидат во центарот на вниманието, особено правата на најранливите категории.
-Промоцијата и унапредувањето на човековите права, мултилатералната соработка и меѓународниот поредок се и ќе продолжат да бидат основа на надворешната политика на Република Северна Македонија и за време на претстојното претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, нагласил Османи.
Министерот Османи, исто така, учествувал и на панел-дискусијата организирана од Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на тема ,,Нападот на Русија врз Украина и неговите последици врз човековите права”, на која Османи најостро го осудил воениот напад на Русија врз Украина, што претставува директно прекршување на човековите права и неприфатлив преседан, стои во соопштението.