Министерот за надворешни работи Бујар Османи на маргините на 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк се сретна со неговиот турски колега Мевљут Чавушоглу.
На средбата, како што информира МНР, се разговарало за актуелната ситуација предизвикана од руската инвазија во Украина, безбедносниот аспект и последиците за европските земји, како и напорите што Северна Македонија и Турција ги преземаат со цел справување со кризата.
– Поздравен е ангажманот и посредството на Анкара и Обединетите Нации во постигнатиот договор со кој се овозможува извоз на украинското жито до светските пазари, блокирано од самиот почеток на руската агресија, се наведува во соопштението од МНР.
Посебен осврт е направен на регионалната соработка и предизвиците, како и на евро-атлантската перспектива на земјите од регионот и во таа насока и на наредните ангажмани на Северна Македонија во процесот на пристапните преговори и скринингот.
Разменети биле мислења и за билатералните односи, политичкиот и економски дијалог, во светло на 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи.
На средбата станало збор и за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година при што турскиот министер за надворешни работи бил запознаен со приоритетите и со досега преземените активности и подготовки што ги преземаме.