Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска оствари средба со Сибил Сутер Теада, амбасадорка на Швајцарија во Република Македонија.
На средбата биле дискутирани темите за билатералната соработка меѓу двете земји, евроинтегративниот процес на Република Македонија, особено во насока на очекувањата во пресрет на Стратегијата за проширување со Земјите од Западниот Балкан на Европската Комисија.
Во однос на соработката помеѓу двете земји, вицепремиерот Османи изразил благодарност за континуираната поддршка од страна на Швајцарија за Република Македонија, и во однос на политичката поддршка, за европските перспективи на државава, но и како еден од најважните донатори, чија континуирана билатерална поддршка датира од 1992 година. Османи нагласил дека е од голема важност што Македонија останува меѓу приоритетните земји за добивање на швајцарска помош и изрази надеж дека, согласно добрите меѓусебни односи, поддршката ќе продолжи и во иднина.
-Новата Стратегија на Владата на Швајцарија за Македонија за периодот 2017-2020 година, претставува додадена вредност на реформскиот процес бидејќи предвидува поддршка во многу значајни области, како што се демократија, вработување, економски развој, инфраструктура и животна средина, истакнал Османи.