Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе ја продолжи својата прва работна посета на Брисел од преземањето на функцијата шеф на дипломатијата. Во неговата денешна агенда е и прва средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Османи вчера се сретна со неколку европратеници и со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, со кого разговарале за отворањето на преговорите за членство со ЕУ пред крајот на оваа година, како што очекува Северна Македонија.
Од страна на шефот на европската дипломатија било нагласено дека Северна Македонија треба да продолжи, и да се забрза исполнувањето на реформите што ги бара Европската Унија, посебно во делот на правосудството и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Борел истакнал дека, исто така, е потребно да се работи на добрососедските односи.
Се очекува и од Вархеји денеска да стигнат слични пораки.
Северна Македонија е во исчекување на зелено светло за почеток на преговори, а претходно земјите членки на ЕУ треба да се усогласат за преговарачката рамка за овој процес, рамка за која Бугарија изрази резервираност поради нерешени прашања помеѓу двете земји.
Османи вчера добил охрабрување од европратениците со кои се сретнал дека ќе помогнат Северна Македонија да добие зелено светло до крајот на оваа година, за да може првата меѓувладина конференција да се одржи во декември.
Шефот на македонската дипломатија вчера изјави дека е оптимист за преговорите со ЕУ оваа година.
-Очекувам навремено усвојување на преговарачката рамка, притоа запазувајќи ги принципите на новата методологија во преговарачкиот процес. Ни претстои период на позитивна клима, многу работа, но и мотив за испорачување резултати од реформите на домашен план. Мојот фокус е продлабочување на добрососедските односи не само како наша автентична придобивка, туку и како активен придонес во регионалната соработка како клучна политика за одржување на европската идеја на Балканот, изјави Османи.
Денеска, покрај со Вархеји, министерот за надворешни работи ќе се сретне и со известувачот на Европскиот Парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук, кој е по потекло од Бугарија.
Ќучук подготвува резолуција во Европскиот Парламент за поддршка за отворањето на преговорите со ЕУ.