Предизвиците на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, успешната приказна на државата во новата меѓународна позиција, регионалните предизвици и улогата на САД во ОБСЕ беа теми во центарот на интервјуто на Филип Рикер, директор на Програмата „Global Europe” на Вилсон Центарот со министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.
Османи, како што информира МНР, посочил дека организацијата покажа отпорност и покрај тешката состојба во која се наоѓа, бидејќи една земја учесничка блокирала две мисии во Украина.
-Но, ние не седевме со вкрстени раце, туку најдовме креативна формула за да се вратиме во Украина, да им помогнеме на Украинците, на украинскиот народ и на институциите на Украинците. Она што сакавме да го направиме за време на нашето претседавање, е како да го однесеме ОБСЕ поблиску до обичните луѓе. Дипломатијата не е само дипломати кои седат на маса и разговараат за јавните политики, туку тоа е и секојдневна работа со луѓе на терен – рече Османи.
На прашањето на Рикер, за важноста на улогата на САД во Организацијата, Османи одговори дека ова било едно од прашањата што се дискутирале во Вашингтон, но и пред еден месец кога ги презентирал приоритетите на Северна Македонија пред Хелсиншкиот комитет.
-Се вратив во Скопје уште посигурен за иднината на организацијата, со уверение дека САД се таму и ќе продолжат да имаат важна улога во ОБСЕ. Значи, ова носи доверба кај сите нас, во континентот и во организацијата. Работиме многу тесно во Виена, како и во Скопје и Вашингтон, со заедничка цел како можеме да ја водиме агендата на ОБСЕ напред – истакна Османи.