Министерот за надворешни работи Бујар Османи на својот Фејсбук профил напиша дека Антикорупциската комисија и Јавното Обвинителство излегоа со конечен став за реконструкција на салата „Борис Трајковски” за целите на Министерскиот Совет на ОБСЕ.
„За време на мојот мандат како министер за надворешни работи на Северна Македонија и како претседавач со ОБСЕ минатата година, имавме чест да организираме Министерски совет на ОБСЕ во Скопје, како најзначаен настан во нашата дипломатска историја. За да го организираме овој високо ценет состанок, го приспособивме нашиот спортски центар `Борис Трајковски`, проект што бараше значителни напори и инвестиции. Овој процес за жал нѐ обремени со многу обвинувања, поттикнувајќи нѐ да ја бараме правдата и вистината.
Изборот на компанијата за приспособување на спортскиот центар, иако критикуван и обележан со обвинувања за фаворизирање, на мое барање беше темелно испитан од нашите правни институции – Јавното обвинителство и ДКСК.
Заклучокот стигна од двете институции и тој е јасен и недвосмислен: процесот беше во согласност со нашите закони, испочитувани се највисоките стандарди за фер оценување и без корупција.
Во текот на овој период, се соочив со бура од негативни реакции и неосновани обвинувања. Не само што мојот интегритет беше ставен под сомнение, туку овој настан фрли сенка врз меѓународниот имиџ на нашата земја.
Сепак, избрав транспарентност пред молк, одговорност пред одбрана; доброволно ги предадов сите релевантни документи на Обвинителството и Комисијата за антикорупција, уверен во интегритетот на Комисијата при МНР, како и во мојот сопствен.
Денес, откако двете институции ја потврдија законитоста и чесноста на тендерската процедура, се чувстувам повикан тоа да го објавам. Патот до овој момент беше исполнет со непотребен стрес и неосновано сомневање, но тој пат заврши. Непрекинатите напади што ги трпев не беа само против мене, туку беа напади врз вредностите на државата и принципите на нашата демократија.
Го споделувам ова не за да барам сочувство, туку за да ја потврдам силата на нашите институции и отпорноста на вистината.
Им благодарам на сите кои стоеја покрај мене, вашата верба и поддршка беа важни низ овој процес. На оние кои се сомневаа, не ги држам за зло, бидејќи скептицизмот е витален елемент на здравата демократија“, порача Бујар Османи.