Од идната година за македонските компании кои произведуваат челик и алуминиум ќе важат новите мерки за ограничен извоз во ЕУ, поради што можните загуби според проценките на Владата ќе изнесуваат 100 милиони евра годишно, рече вицепремиерот Бујар Османи во вечерашното гостување на 1ТВ.
-Согласно новата формулација, земен е просекот на извоз на овие компании од 2015, 2016 и 2017 година зголемен за пет отсто раст. Се што е над тој износ ќе биде царинето со 25 отсто. Тоа ќе значи големи проблеми за нашата индустрија на челик и алуминиум, која сериозно придонесува во БДП на државата. Проценките се дека штетата би можела да биде до 100 милиони евра на годишно ниво на извозот, рече Османи.
Привремените мерки ЕУ ги воведе во јули, а наведените конечни мерки треба да траат три години. Од Владата, вели Османи, не се откажуваат од обидите да ја убедат ЕК дека Македонија треба да биде исклучена од овие мерки.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев пак, два часа порано во гостувањето на телевизија Телма рече дека квотите на ЕУ нема да предизвикаат пад на македонската економија.