Вицепремиерот Бујар Османи реагираше кон тврдењата на потпретседателот на ВМРО-ДПММЕ Александар Николоски дека имал договор со албанскиот колега Дитмир Бушати земјава да забави со реформскиот процес за да не излезе чекор пред Албанија во интеграциските процеси. Според Османи, ваквите ставови создаваат раздор во успешните мултиетнички односи и во успешните односи со соседите.
„Ниту ние можеме да влијаеме на процесот на европски интеграции на Албанија, ниту тие можат да го попречат нашиот напредок. Единствено што можеме е да си помагаме едни на други, затоа што имаме заедничка цел – да го видиме Западниот Балкан интегриран во ЕУ, и што е уште поважно, на тој пат да останеме добри пријатели со искрена почит едни кон други“, напиша Османи.
Николоски, пак, во неколку наврати говори дека има информации за неформална средба помеѓу Османи и Бушати, на кој, според него, било договорено Македонија и Албанија да се приклучат на истата група.
-Логично беше кога проблемот на Македонија ќе биде решен, да оди со црногорската и српската група. За Албанија тоа беше многу проблематично, бидејќи Косово и Босна сè уште се недефинирани држави. Косово не е ниту формално член на ОН. Македонската дипломатија ја направи најголемата стратешка грешка, бидејќи беше јасно дека Албанија нема да може да ги спроведе реформите. За да ја забавува Македонија, Бујар Османи подготви план 3-6-9 и реализираше 41 отсто од планот што самите го создадоа – рече тој во Топ тема на Телма.