Шефот на дипломатијата Бујар Османи од утре ќе престојува во дводневна работна посета на Софија за време на која ќе има средби со неговиот бугарски колега министерот за надворешни работи, Николај Милков, со премиерот Галаб Донев, како и со лидерите на главните партиите застапени во новото бугарско Собрание.
Како што соопшти МНР, Османи ќе се сретне со Бојко Борисов од ГЕРБ, Кирил Петков од Продолжуваме со промената, Мустафа Карадај од Движењето на правата и слободите, Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија, Христо Иванов од Демократска Бугарија и со Стефан Јанев од Бугарски подем.
-На средбите се очекува да бидат отворени темите за актуелностите поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, исполнувањето на преземените обврски со Протоколот и Договорот за пријателство, актуелните геополитички предизвици и сојузништвото во НАТО, како и можностите за продлабочување на економската соработка, наведуваат од МНР.
Во рамки на посетата, Османи, заедно со домаќинот Милков ќе учествуваат и на тркалезна маса што ја организира Центарот за проучување на демократијата во Софија, на тема „Промовирање на конструктивен капитал во Бугарија и Северна Македонија“.