Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да прекине секаква комуникација со власта, вклучувајќи ги и разговорите за уставните измени, е многу лоша и непромислена.
Со ваквата одлука, според него, опозициската партија уште еднаш потрфли и покажа дека ниту сака, ниту има намера некогаш да се соочи со кој било предизвик на државата, туку и се важни само власт и моќ.
– Очекувам да работиме до последниот ден со партијата. Мислам дека е почесно така и од наша страна и покоректно за граѓаните барем еднаш една одлука да донесеме заеднички. Но, ако тоа не дава плод, ние мора паралелно да работиме и со пратеници кои не сакаат да бидат заложници на амбициите и сакаат да поддржат европска перспектива на државата преку имплементирање на нашиот интерес – нагласи Османи.
Во однос на бројот пратеници кои би ги гласале уставните измени, Османи очекува дека ќе биде поголем од неопходниот зашто, според него, пратениците се се посвесни дека уставните измени се во интерес на државата, како и дека ваква втора шанса земјава веќе нема да добие.
-Секаде десницата е носител на евроатлантската интеграција, само кај нас е обратно. Е тоа успеаја со оваа лоша политика, но ние ќе продолжиме да работиме и со нив, укажувајќи на последиците – рече Османи.