Вицепремиерот Бујар Османи, кој е главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од Ковид-19, денеска ќе го посети Штип.
Токму во овој град изминатите денови се забележа зголемување на случаите со новозаразени, повеќе од кластери поврзани со вработени во конфекциите.
На вчерашната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека во Штип се затворени шест конфекции, дадени се 55 решенија за самоизолација, а во текот на следните денови ќе се тестираат околу 600 вработени. Досега се тестирани околу 100 лица.
Според вчерашниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од почетокот на епидемијата во Штип се регистрирани вкупно 103 случаи, а во моментов активни се 68. Бројот на оздравени пациенти таму изнесува 33, а на починати 2.
На ниво на држава, пак, досега се регистрирани 2.391 заразен од кои починале 141, а оздравеле 1 595 пациенти. Активни се 655 случаи од кои речиси половина се во Скопје – 319.