Османи: Јуни е клучниот месец за Бугарија да го тргне ветото!

by Fokus

Правиме сè за Бугарија да го повлече ветото за започнување на преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ и јас тврдам дека јуни е оптимална шанса за да се случи тоа и покрај тоа што во Софија има службена Влада, изјави денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на прес-конференцијата по инаугуративниот состанок на Стратешкиот совет за надворешна политика.

Османи дополни дека и покрај тоа што Бугарија има службена со задача само за организирање на избори, тоа сепак е владин кабинет што може да донесе одлуки.

– Затоа пристапивме со барање да се сретнеме, да го одржиме состанокот на меѓувладината комисија, да го адаптираме акцискиот план, меѓутоа, се разбира и работиме и со нашите пријатели и поддржувачи за да се одблокира процесот, рече Османи.

Тој дополни дека земјава се обидува на сите начини да ја врати довербата со Бугарија и е на ставот дека единствен начин односите помеѓу двете држави да се вратат во нормала, е да се навратиме на самиот Договор за пријателство.

– На Договорот ќе се вратиме ако ја одржиме првата меѓувладина конференција, со тоа што ќе направиме пресек на имплементираното до сега од Договорот и ќе направиме акциски план, за тоа што треба да имплементираме во наредниот период. Тоа се обидуваме да го работиме како Министерство во наредните шест месеци, сподели Османи.

Поврзани новости