Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска по средбата со неговиот дански колега Јепе Кофод, изјави дека иако политичката ситуација во Бугарија е доста комплексна, со оглед дека таму ќе има трет изборен циклус, земјава ќе продолжи да работи и со Софија и со европските партнери, со цел побрзо почнување преговори за членство во ЕУ.
– Јас сум оптимист по природа, но од искуството од претходните месеци ќе биде сигурно не така лесно да се стигне до решение. Но, ние ќе продолжиме да работиме и со Република Бугарија, меѓутоа и со европските партнери. Присуството на министерот овде, неговите силни зборови на поддршка, неговата констатација дека земјата заслужува почеток на преговори, дека треба да ги почне преговорите е навистина силна порака која што одекнува секаде низ ЕУ, а верувам дека и во Република Бугарија бидејќи не е прашање само на тоа дали Република Северна Македонија ќе ја одржи првата конференција оваа година, туку која е перспективата на регионот по однос на Унијата и кој е кредибилитетот на целиот овој процес, рече Османи.