Османи: Исполнети сите предуслови за да биде донесена позитивна одлука на 26 март

by Fokus

Европската комисија денеска во вонредниот извештај за напредокот на земјава уште еднаш ја потврди препораката за отпочнување на преговорите со Европската унија, соопшти попладнево вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

На прес-конференцијата во Секретаријатот за европски прашања, Османи рече дека во извештајот јасно се констатира реформската определба на државата особено преку успешните резултати во областите кои Европскиот совет ги имал потврдено како приоритети како што се судството, јавната администрација, безбедносните служби и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

– Со тоа се исполнети сите предуслови на 26 март да се донесе одлука за започнување на преговори со Европската унија. Со ова се враќа европскиот кредибилитет и довербата во Европската унија, рече Османи.

Според него, исполнети се двата предуслови за започнување на преговорите и нема веќе ниту еден аргумент „против“.

Очекува одлука за почеток на преговорите да биде донесена и за Северна Македонија и за Албанија.

Поврзани новости