Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите рече дека името на клубот „Цар Борис“ е провокација и не во духот на соживотот и добрососедството.
-Името е избрано такво, цар Борис, но мислам дека не е во духот на втората точка од конвенцијата, затоа што не создава услови за толеранција, соживот и добрососедство. Го сметам името за провокација и мислам дека е на штета на бугарската заедница во Македонија. Дали тоа некој го прави свесно, не можам да кажам. Тоа им пречи за афирмација на малцинските вредности на Бугарите во земјава. Но, самите тие, како и Бугарија е најдобро да кажат дали и колку штети трпат, рече Османи.
Тој дополни дека избраните имиња како цар Борис и Иван Михајлов се така избрани што не само што се неприфатливи за нас во Македонија, туку и за пошироката меѓународна заедница.
Во однос на случувањата во ДУИ и „огнената група “, Османи рече дека тоа што се одлучи е дебатата од јавност да се префрли во партиските тела и тоа ќе се случи на 15 октомври.
Тогаш ќе се формираат партиските тела и ќе продолжи оваа дебата која, како што вели, е приказ на демократската слобода.