Претседателката на Косово – Вјоса Османи, на помошникот генерален секретар на НАТО за операции – Томаш Гофус му пренела дека главниот мост во Косовска Митровица треба да се отвори, но со план и координација на централните и локалните институции и меѓународната заедница.
„Османи го повтори својот став за отворањето на мостот, но ја истакна важноста од одржување на комуникација, координација и продлабочување на соработката меѓу институциите на Косово и безбедносните партнери, особено со НАТО, за развој на заеднички план за отворање на мостот“, се вели во соопштението од кабинетот на Вјоса Османи.
Таа го опиша отворањето на мостот како акција насочена кон нормализација и интеграција во интерес на сите граѓани, без разлика на етничката припадност.
Османи истакна дека Приштина останува посветена на континуирана соработка со НАТО и КФОР во решавањето на предизвиците во областа на безбедноста.
Таа се заблагодари на досегашната посветеност на НАТО за мир, безбедност и стабилност и во тој контекст ја повтори стратешката цел за интеграција во евроатлантската заедница, изразувајќи уверување дека членството во НАТО ќе придонесе за безбедноста и стабилноста на целиот регион.