Османи: Идејата за внесување на Бугарите во Уставот ја добивме од претставник од ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

Иејата за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот како решение на односот со Бугарија за првпат ја слушнав од висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ. Оттука всушност е родена идејата за решавање на разликите на овој начин, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма.

Министерот ова го кажа зборувајќи за уставните измени и ставот на опозицијата во однос на нивното усвојување. Тој не кажа  од кој точно функционер од опозициската партија ја добиле оваа идеја.

„Јас во една прилика кажав дека првпат идејата за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот како решение на односот со Бугарија сум го слушнал од висок претставник на ВМРО-ДПМНЕ. Истото го кажуваат луѓе во ВМРО-ДПМНЕ кои го разбираат процесот. Меѓутоа таму има и луѓе кои ги следат анкетите и кажуваат дека ќе добијат повеќе гласови ако ‘јаваат’ на емоцијата која е создадена во моментот, а таа е создадена на основа на пропаганда, конспирација, на лажни вести и плашење на граѓаните“, изјави Османи.

Тој рече дека тој лично гарантира дека Бугарија нема да може да додаде ниту едно дополнително барање од оние што веќе постојат во Преговарачката рамка.

„Преговарачката рамка е документ што не се менува – тој останува до нашето членство. Условите се веќе во Преговарачката рамка. Република Бугарија не може да додаде услов во Преговарачката рамка затоа што тој е затворен и изгласан од 27 земји членки и не може да се репреговара“, рече Османи.

На прашањето дали Владата ја чека лидерската средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за потоа да ја усвои предлог-иницијативата за уставните измени и да ја испрати во Собранието, Османи рече:

„Се разбира дека би било избрзано доколку процедурата би се почнала без да се заврши таа средба, но мислам дека опозицијата може да пропушти историска шанса и барем еднаш во поновата историја на оваа држава да придонесе во важни стратешки процеси кои ѝ носат прогрес и стабилност на државата“.

Сепак, независно од резултатот на лидерската средба помеѓу лидерите на власта и на опозицијата, според Османи предлог-уставните амадмани ќе бидат доставени во Собранието, бидејќи се услов за понатамошниот европски пат на земјава.

„Формално се дефинира кој е кој, што е што – имаме мнозински македонски народ и имаме делови од други народи кои живеат овде во подеднакви услови, вклучувајќи ја и бугарската заедница“, рече Османи.

Тој рече дека сè уште стои предлогот на маса, доколку опозицијата ги изгласа уставните измени, истиот ден да се распишат предвремени парламентарни избори.

Поврзани новости