Шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Николај Милков рекоа дека ќе работат против говорот на омраза во двете земји, додека македонските и бугарските бизнисмени до политичките елити порачаа бизнисот влече напред во односите меѓу двете земји. Ова се пораките од вчерашниот македонско-бугарски форум што вчера се одржа во Скопје под мотото „До една милијарда и понатаму”, во знакот на проекцијата од една милијарда евра трговска размена за оваа година меѓу двете земји.
Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија се првите кои реагираат на говорот на омраза. Тоа е долг процес за којшто е потребно време, но оди кон подобрување, изјавија Османи и Милков одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција во Скопје.
–Говорот на омразата беше една од темите која што беше високо на агендата во разговорот помеѓу двете страни кога се договаравме како ќе ги подобриме односите и таму во протоколот имаме точно пропишани начини како ќе пристапиме на говорот на омраза, како ќе реагираме и како ќе ги спречиме трендовите. Тоа што го констатираме заеднички при овие чести средби е дека најдобриот начин на спречување на говор на омраза е доколку доминира позитивниот договор помеѓу нашите две држави и токму тоа се обидуваме да го поправиме, рече Османи.
Според него, честата комуникација со неговиот бугарски колега, придонесува за да се наметне, како што рече, „позитивна агенда за да не дозволиме простор некој друг да ни наметне лоша агенда и злонамерна агенда”.
Потсети дека со Протоколот, двете МНР ќе бидат првиот контакт поинт што ќе реагира, што ќе ги следи трендовите за да укаже дека нешто се случува за да го прекине тој тренд, за да ги информира министерствата коишто треба да преземаат конкретни активности.
Милков, исто така, рече дека и во бугарското МНР има механизам во однос на говор на омраза, исто така има и механизам на заедничко информирање меѓу двете Министерства што е многу експедитивно.
-Најбитно е да го одржуваме тој контакт за да може да реагираме во секој случај. Имаме случаи на заеднички позитивни реакции во кои го известуваме другото Министерство со цел да бидат елиминирани тие негативни тенденции, и ние ги следиме тие состојби, како во Бугарија, така и во Северна Македонија и имавме реакции во однос на конкретни состојби, рече Милков.
Изјавите на бугарскиот пратеник и лидер на партијата Преродба Костадин Костадинов не ја одразуваат официјалната позиција на Бугарија, порача од Скопје Милков.
Миниситерот Милков, на новинарско прашање дали смета дека треба да функционираат или да се затворат бугарските културни клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов” и „Цар Борис Трети”, рече оти се надева дека тие клубови ќе можат да функционираат нормално.
Тој уште еднаш ја потврди поддршката за работата на македонско-бугарско историската Комисија и напомена дека нејзиното успешно функционирање допринесува во работата на нашите добрососедски односи.