Најмалку тројца министри имаат вработени роднини во Македонска навигација – М-НАВ, а повеќе членови од семејството вработил и еден поранешен пратеник, беше објавено синоќа во емисијата КОД.
Таму е вработена сестрата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаата на првиот вицепремиер Артан Груби, внукот на министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Вработени се и снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ Ејуп Алими, внукот на советникот на директорот во М-НАВ Беким Незири, како и внукот на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.
Роднините на Николовски и на Незири се вработени како помошници контролори, а во оперативниот дел работи и сестрата на министерот Бујар Османи. Останатите роднини работат во администрацијата на М-НАВ.
Премиерот Ковачевски минатата недела рече дека М-НАВ била како семејна фирма, во која биле вработени до трето колено.
Во емисијата на „Код“ беа објавени и детали од седницата на Влада од 9 јануари, кога на дневен ред беше разрешувањето на менаџментот на М-НАВ, на која министрите Османи и Бектеши ја префрлиле вината на синдикатот и рекле дека доколку бидат сменети директорите, тогаш тоа ќе значело попуштање на синдикатот на контролори на летање.
Премиерот и други министри ја прекинале таквата дискусија со образложение дека воопшто не станува збор за состојба која што би се толкувала како победа или пораз, туку за состојба која бара итна реакција поради воздушниот сообраќај и меѓународните обврски на државата.