Ние сме веќе сме на на маса до најсилните во ЕУ и НАТО, а граѓаните ќе се определат дека сакаат да бидат на масата, а не на менито, оцени вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи во интервјуто на Топ тема.
-По децении чекање, веќе имаме датум за почеток за преговори со Европската унија. На 17 јули еврокомесарот за проширување Јоханес Хан најави дека доаѓа во Скопје и тогаш формално и ќе го започнеме скринингот. Ова е голем настан и историска одлука. Самиот извештај на Европската комисија покажа дека Македонија, ако се прави споредба со Црна Гора и со Србија или е напред или заедно во делот на хармонизацијата на законодавството. Ние и досега, иако не сме имале преговарачки процес, во внатрешна симулација работевме како да имавме преговори, рече Османи.
Посочи дека првиот дел на скриниг процесот е објаснувачки скрининг, во кој Република Македонија ги слуша позициите на Еврокомисијата, во однос на тоа што треба ние да правиме во преговарачкиот процес, за потоа да се вратиме назад и направиме пресек до каде сме во моментот.
Османи оцени дека скринигот најверојатно ќе трае неколку недели, а можеби и неколку месеци, бидејќи сите работни групи од сите министерства прво треба да одат во Брисел да слушнат прецизно во детали што треба да се направи, по што ќе се направи пресек каде сме во моментот.
На прашањето дали администрацијата е подготвена да го понесе товарот на преговорите, Османи рече дека преговорите се скапа и сложена операција низ која поминале сите држави, но оти Македонија не влегува без искуство во овој процес.
– Едно позитивно нешто од фактот што долго време чекавме почеток на преговори, е што создадовме големо искуство како администрација во овој процес на чекање. Тоа што сега ќе се случи е ревитализација на сите структури и враќање на ентуизијазмот, рече Османи.