Османи: Граѓаните гласаа за Груевски, но ДУИ одлучи Заев да биде премиер

by Фокус

Доколку навистина решаваа граѓаните, премиер ќе беше Никола Груевски, а не Зоран Заев, вели вицепремиерот и функционер на ДУИ Бујар Османи во интервју за Слободен печат.

-Ние ги слушнавме изјавите дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде премиер, а не партиите. Морам да кажам дека граѓаните во 2016 година одлучија Никола Груевски да биде премиер. ДУИ одлучи Зоран Заев да биде премиер! Така што, прашањето на формирање влади е, пред се, прашање на политички компромис. Влада формира тој што обезбедува мнозинство, а не тој што добива најмногу гласови – рече Османи.

Тој вели дека ДУИ се уште останува на принципот владата да формираат победничките партии во македонскиот и албанскиот блок, појаснувајќи дека го прекршиле тоа правило после изборите во 2016 година во специфични околности.

-Прво, разликата беше многу мала. Сто гласа во Теарце одлучуваа дали ќе биде 51-49 или 50-50, и второ, беше прашање на крстопат на државата, кога мораше да се дефинира евроатлантскиот пат или некој поинаков пат што ќе имаше далекусежни последици. И тогаш ДУИ ја донесе одлуката да го избере Зоран Заев за премиер, а не граѓаните. Но сега, кога патот е дефиниран, ние сме цврсто на евроатлантскиот пат и мислам дека принципот победник со победник е важечки-вели Османи.

Овие пораки следуваат после почетокот на кампањата на ДУИ за Албанец-премиер, по што СДСМ реагираше кој ќе биде премиер не одлучуваат партиите туку граѓаните.

Поврзани новости