Османи: Франција го омекна ставот кон Македонија, Холандија има недоверба кон Албанија

by Фокус

Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања, во интервју за „360 степени“ изјави дека сите членки на ЕУ знаат дека не се работи за обична одлука дали ќе дозволат почеток на преговори со Македонија, туку, како што вели, се работи за историска одлука со оглед на можните последици на внатрешен и регионален план.

-Ако 2003 година Самитот во Солун ја отвори перспективата за Западен Балкан, 15 октомври 2019 може конечно да ја затвори перспективата на Западен Балкан со сите последици за динамиката на процесите внатре, вклучувајќи го и Договорот од Преспа, односите со Бугарија, меѓуетничките односи, а особено регионалната динамика и регионалните пораки. Затоа, мислам дека има свест за последиците и мислам дека пораката што беше испратена од Бундестагот ќе го одреди и тонот на одлуките на другите земји членки – вели Османи.

Тој додава дека последните негови информации говорат оти Франција на чело со претседателот Емануел Макрон се уште нема конечна одлука, но, како што истакнува, францускиот став сега е помек и порационален кон перспективата на Северна Македонија и Албанија за почеток на преговорите.

-Холандија има прифатена недоверба кон Албанија пред неколку месеци, а за нас има законски можности за да се поддржи почетокот на преговорите и тука има дилеми како ќе се позиционира сега Холандија со оваа одлука на Парламентот наспроти пакетот. Но, тоа што ние го имаме како информација е дека холандската Влада може да донесе одлука, без да помине уште еднаш низ парламентарна постапка за што мислам дека го олеснува сега пристапот на оваа дебата дали ќе има одвојување или нема да има одвојување – истакна вицепремиерот.

Поврзани новости