Европската комисија во новиот Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2022 година што беше презентиран денеска во Брисел, го нотира позитивниот напредок за земјава за 2022, смета шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Во објава на неговиот фејсбук профил Османи наведува дека Извештајот на ЕК е позитивен и претставува јасен патоказ за Република Северна Македонија и нејзините институции за натамошно спроведување на домашните реформи.
-Одржувањето на првата Меѓувладина конференција во јули 2022 година претставува историски момент и ја означува новата фаза во процесот на пристапување во ЕУ. Многу добар напредок со целосното усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика по руската агресија врз Украина.
Во делот на регионалната соработка, земјата одржува добри билатерални односи со другите земји од регионот и продолжува да се ангажира во регионалните иницијативи, ги посочува Османи оценките во Извештајот во делот на надворешната политика на земјава.
Извештаите за земјите од Западен Балкан и Турција пред Европскиот Парламент денеска во Брисел ги презентираше еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.