Османи: Европската интеграција на Западен Балкан е двонасочен процес

by Fokus

Европската интеграција на земјите од Западен Балкан е двонасочен процес, кој е во интерес на самиот регион, но не помалку Европската унија и нејзините земји-членки. Во недостиг на јасна слика за таквите придобивки, сме завршиле во криза на недоверба и потребно е што поскоро идентификување на интересот кај двете страни, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во неговото обраќање на панелот „Западен Балкан: Нов евро-атлантски моментум”, на Дубровник форум, соопшти МНР.

Решението според Османи е во двостраната посветеност – на ЕУ, дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан претставува кредибилен процес, но и на земјите од Западен Балкан, дека нема да притискаат за членство пред да бидат подготвени за тоа.

Во тој процес, според министерот, дополнително може да помогне забрзаната интеграција, наречена „Повеќе интеграција, пред членство“, која, како што се вели во соопштението, подразбира постепена интеграција на земјите кандидати, преку пристап до фондовите на ЕУ и придобивки од интегративниот процес пред самото членство, која станува формалност на самиот крај.

Османи во обраќањето се осврнал на уставните промени во Република Северна Македонија, за кои, како што нагласил, претставуваат сериозен предизвик.

„Но, се надевам, дека, постоењето на политичка Влада во Бугарија, меѓународната поддршка за процесот и нашата подготвеност да разговараме со новата бугарска Влада, може да значат точка на неповратност во однос на нашиот ЕУ-интегративен процес“,  стои во соопштението од МНР за излагањето на Османи.

Поврзани новости