Министерот за надворешни работи Бујар Османи во гостувањето на телевизија Сител објаснуваше дека за членот 5 од Преговарачката рамка со ЕУ, нема да има ниту писмен извештај, ниту гласање во ЕУ за тој процес.
-Значи едноставно констатираа дека Северна Македонија има еден билатерален договор со Бугарија и со Грција, добрососедските односи се важни за прогресот, меѓутоа за тој член 5 нема да има писмен извештај. ЕК нема во ниту еден момент да каже до тука е степенот. Или пак земјите – членки да гласаат или пак Бугарија да каже дајте да видиме до каде е реализацијата и да гласаме по однос на реализацијата, рече Османи.
Во однос на примената на членот, тој вели дека ЕК реферира, што значи, нема да известува и тоа во стручната терминологија во ЕУ е многу важно бидејќи нема да има писмен извештај.
-Што значи писмен извештај? Ова што го добиваме ние секоја година во која што точно се квантификува и се квалификува до каде е реализацијата на одредено аки. За членот пет нема да има писмен извештај, нема да има гласање во ЕУ. Ова е клучната порака која што се обидувам да им ја кажам на граѓаните, рече Османи.
Се разбира, додава тој, добрососедските односи ќе се ценат.
-Ние ако сме во лоши со еден сосед, членка на ЕУ, се разбира тоа е пречка за напредокот. Меѓутоа нема да има точка на дневен ред во ЕУ во којшто ќе биде Договорот со Бугарија, Договорот со Грција, прегледите од член 12, нема да има такво нешто. И тоа е многу важно. Затоа велам дека тоа плашење на граѓаните, дека Договорот ќе биде филтер односно скалило како што јас ги нарекувам во видеото, нема да биде дел од скалилата низ кои ние се качуваме за да влеземе во ЕУ, вели Османи.