Една земја, чие клучно барање е да се напушти принципот на консензус при одлучувањето, денес го искористи ова право за да не дозволи заокружена одлука за старт на преговорите, објави на фејсбук вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.
„Јас немам дилеми дека Европскиот кредибилитет не само во земјава, туку и во целиот регион од денес е нарушен. И тоа е нормална, логична и природна последица кога една Унија изградена на принципи ќе го наруши основниот принцип и нема да го одржи сопствениот збор. Но, тоа не смее да нѐ оддалечи од европските вредности. Ние сме дел од Европа, и денешната неправда не смее да нѐ оддалечи од нашите напори да продолжиме со имплементацијата на реформи, да продолжиме во изградбата на добрососедските односи, да продолжиме да го негуваме соживотот и мултикултурното општество – едноставно, да продолжиме во изградбата на европска Република Северна Македонија“, порача тој.
Османи додаде дека политичките компромиси и реформи што ги направи земјава биле вреднувани со членство во НАТО и со поддршка за почеток на преговори со ЕУ од страна на 27 земји-членки, меѓутоа негативниот епилог за државава, според него, покажува дека и на Унијата и е потребна реформа.