Министерството за надворешни работи го одбележа завршувањето на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ. Бујар Османи истакна дека е значаен овој настан за да се одбележат постигнувањата и успесите кои го одбележаа нашето претседавање со организацијата.
„Докажавме пред целиот свет дека поседуваме политички и практичен капацитет, професионалност и посветеност, кои кулминираа со организацијата на 30-от Министерски совет. Со донесените одлуки го остваривме планот кој го зацртавме на почетокот на Претседавањето – дадовме огромен придонес во обезбедувањето на функционалноста на ОБСЕ. Нашето претседавање беше фокусирано на луѓето, а работевме со посветеност на идејата дека ОБСЕ може да го унапреди и зачува сето она што луѓето најмногу го ценат – нивните права, нивната слобода и нивното достоинство”, рече Османи.
Според Османи, зачувувањето на начелата и заложбите значеше зачувување на нашата Организација, која оваа година се соочи со досега невидена, јас би рекол, егзистенцијална криза.
„Јас со гордост можам повторно да нагласам дека Министерскиот состанок во Скопје внесе нова енергија во нашите начела, односно нашата водилка, која силно нѐ турка напред и покрај напорите на одредени актери да ја поткопаат истата. Извонредниот успех што го постигнавме го делиме со министерства и бројни институции кои беа вклучени и учествуваа во достигнувањето на резултатите од нашето Претседавање, особено кога станува збор за организацијата на Министерскиот состанок”, истакна министерот Османи.