„Резултатите од посетата на Софија се одлични. Најважно е што делегациите на двете влади го договорија текстот на договорот за добрососедство, а остануваат само некои технички детали, кои би можеле да бидат усогласени до посетата на бугарскиот премиер Бојко Борисов на Македонија на 2 август“, изјави вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, за бугарската новинска агенција БТА.
Османи е дел од владината делегација што вчера пристигна во дводневна посета на Софија.
Тој во интервјуто го повтори искажаниот став сите партии од владејачката коалиција да бидат вклучени во решавањето на најгорливите прашања на Македонија.
„Нашата цел е да ги затвориме сите отворени прашања: прашањето за Рамковниот договор во Македонија, прашањето на договорот за добрососедство со Бугарија, за на крај да остане само прашањето за името со Грција. Тоа е тешко и емоционално прашање за чие решавање напори треба да вложат сите партии и страни“, вели Османи.
Тој објаснува дека има договор во владината коалиција за затворање на прашањето за Рамковниот договор, со решавањето на прашањето за законот за употребата на албанскиот јазик.
„Има еден закон предвиден со Рамковниот договор од 2001 година кој не е применет, а тоа е Законот за употреба на албанскиот јазик. Идејата е да го примениме тој закон и да го затвориме прашањето со Рамковниот договор. Паралелно со тоа ги реализираме реформите и се обидуваме да ги деблокираме процесите. Имаме таков договор со партнерите во Владата и тоа е меѓу краткорочните цели што е многу важно за патот на евроинтеграцијата. Европската комисија бара од нас овие прашања да се решат, а со тоа ќе го затвориме и нормативниот дел од Рамковниот договор и ќе имаме еден проблем помалку за решавање“, порачува Османи.