Османи: До последен здив ќе се бориме за уставните измени

by Fokus

Усвојувањето на уставните измени е единствена домашна задача која нѐ дели од забрзаната евроинтеграција, која сѐ повеќе станува императив за самата Европска Унија во дадениот геополитички момент. Ова денеска го посочи министерот за надворешни работи Бујар Османи по прес-конференцијата со неговата романска колешка, Луминица Одобеску.

Османи посочи дека овој геополитичкиот момент е неповторлив за сериозна брза патека за членство во 2030.

„Откако завршува скринингот, доаѓаат скрининг-извештаите. Врз основа на нив, подготвуваме патокази, кои се обврска за отворање на поглавјата. Има еден чекор кој е важен, кој се носи со консензус, а тоа е писмо од Европскиот совет до земјите кандидати кои се бенч маркови за отворања на поглавјата и кои се т.н. интерни бенч маркови. Писмото за Република Северна Македонија помина, со консензус од сите 27 земји членки. Врз основа на тоа писмо, ги подготвуваме патоказите до Европската комисија и потоа Европската комисија ги доставува до Европскиот совет“ – рече Османи.

Според него, без уставните измени нема да можеме да ја одржиме втората меѓувладина конференција на која ќе се презентира преговарачката рамка со цел понатаму да се отвораат поглавјата.

„И тука целосната одговорност, историска одговорност ќе ја носат одредени пратеници во Собранието и одредена политичка партија. Секој од нас треба да впери прст кон тие луѓе и кон таа политичка партија која ни ја загрозува европската иднина. Овој геополитичкиот момент е неповторлив за сериозна брза патека за членство во 2030 година и не сум сигурен дали истиот геополитички моментум ќе биде сочуван и следната година“ – заклучи Османи.

Рече дека не може од сега да каже дека ја пропуштаме шансата.

„Сметам дека треба да работиме до последниот здив, до последниот камен пред нас за да ги направиме уставните измени и да фатиме исчекор со оваа шанса. Но, ако не успееме ќе треба со име и презиме да ги кажеме тие што ја загрозуваат европската иднина, што го кочат просперитет на оваа држава, што го кочат владеењето на правото и го кочат животниот стандард. Тие луѓе ќе треба да бидат кажани со име и презиме“ – рече Османи.

Поврзани новости