Процесот на проширување на ЕУ и последните случувања поврзани со последните Самити на ЕУ беше централна тема на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група (В4) и земјите од Западен Балкан (ЗБ6) во Познан, во рамките на полското претседавање со В4, на кој учествуваше и шефот на дипломатијата, Бујар Османи.
Како што соопшти МНР, во присуство на специјалниот претставник на ЕУ за регионалните прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак и на министерот за надворешни работи на Хрватска, беа отворени прашања за иднината на пристапниот процес со земјите од регионот како двонасочен процес што подразбира исполнувања од двете страни, како и одразот на сите овие прашања врз кредибилитетот и интегритетот на ЕУ во регионот и глобално.
Османи упати благодарност до претстојното словенечко претседателство за нивните планови и приоритети во однос на Западниот Балкан, но и за напорите на португалското претседателство за почеток на пристапни преговори со Македонија и Албанија.
– Земјата во изминатите години вложи исклучителни напори за да го отвори преговарачкиот процес; соодветно, секое одложување на овој старт создава одредени фрустрации и недоверба кон процесот на проширување. Но и покрај овие предизвици, ние не само што не се откажуваме од сопствената европска иднина, туку продолжуваме и со активен ангажман во надминување на недоразбирањата со нашиот сосед, како и со нашиот активен ангажман во заштита и промоција на европскиот кредибилитет во регионот, истакна Османи.