Нашата земја во моментот се наоѓа на крстопат и изборите не се само обични избори, туку битка помеѓу два концепта, изјави кандидатот на „Европски фронт“ за шеф на државата, Бујар Османи, во гостувањето во „360 степени“ на МРТ 1.
Според него, едниот концепт нуди интеграција, соживот, хармонија, прогрес и економски просперитет, а другиот – изолација, етнички тензии, конфликтност и враќање назад.
Тој додава дека, за жал, на претстојните избори има една понуда која е национал-шовинистичка и која бара 61 пратеник за да ги исклучи другите од одлучувањето и затоа секое неподдржување на европскиот пат ќе значи враќање кон изолација и конфликтност.
„Ние макотрпно успеавме да постигнеме еден вид на консензуална демократија и заедничко одлучување со цел сите заедници да се чувствуваат пријатно во својот дом, да бидат лојални граѓани и нивниот глас да се слуша, зашто мора да создадеме држава и општество во кое никој нема да се чувствува исклучен“, вели Османи.
Тој смета дека носењето на уставните измени е единствениот чекор за продолжување на евроинтеграцискиот пат на земјава, а во однос на тоа кога треба да се донесат, Османи смета дека тоа треба да се случи веднаш по изборите.
„Видете, претседателот треба да го имаме некаде на 12 мај, да даде заклетва. Затоа велам дека тоа што треба да се направи на 13 мај е да се најде една локација во која ќе се затвориме и нема да излеземе додека не си подадеме рака. Инаку, ќе немаме спас од овие циклуси на перманентни консекутивни политички кризи. Не можат веќе граѓаните да дозволат некој да им ја киднапира иднината поради политички авантури, зар малку ни беа 20 години“, рече Османи.