Со цел одбележување на почетокот на НАТО деновите во Северна Македонија, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес беше домаќин на традиционалниот „НАТО појадок”.
-Денес во присуство на нашите сојузници и партнери одбележуваме три години од членството на Северна Македонија во Алијансата, додека на 4-ти април ќе ја чествуваме 74 годишнината од основањето на Организацијата на Северноатлантскиот договор или Денот на НАТО. Со тоа ја продолжуваме традицијата – секоја година од 27-ми март до 4-ти април да се одржуваат Денови на НАТО посветени на заедничките успеси и постигнувања, но и предизвиците со кои сојузниците и Алијансата се соочувале низ годината, нагласи Османи.
Во своето обраќање, Османи ги истакна придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, оценувајќи го како историски успех и најзначајно надворешно – политичко постигнување. Нагласи дека нашето членство во Алијансата е особено значајно за регионалната безбедност и стабилност, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици.
-Регионот на Западен Балкан е особено изложен на стратегиска конкуренција и на малигно влијание на трети страни кои се обидуваат да ги искористат слабостите и недовршената евро-атлантска интеграција со цел да остварат свои стратешки интереси. Решението се наоѓа во засилени демократски реформи со цел да се зајакне отпорноста , но и во засилена и координирана соработка на НАТО и ЕУ во заокружувањето нa евроатлантската интеграција на Регионот и комплетирањето на демократската трансформација, истакна Османи.