Шефот на дипломатијата, Бујар Османи смета дека Нацрт-резолуцијата на Европскиот парламент за напредокот на земјава за 2021 година не е директно поврзана со ветото, туку тоа е став на европратениците, додека одлуката за вето ја носи Советот на ЕУ.
– Работевме интензивно за текстот на оваа резолуција. Ако ги гледате почетните амандмани мислам дека заедно со наши поддржувачи пратеници во ЕП, успеавме да неутрализираме обидите за наметнување амандмани што беа доста провокативни. До крај на процесот не можеме да предвидиме што пратениците и различните групи може да прифатат, меѓутоа сме во постојан контакт. Таа резолуција го искажува ставот на ЕП, но не го утврдува или не го неутрализира ветото, односно нема влијание директно на самото вето, рече Османи.
Во однос на тоа каква дипломатска офанзива ќе се преземе во врска со овие амандмани, Османи рече дека нашата амбасадорка во Брисел со целата мисија вчера била во ЕП на состаноци со секој од пратениците.
– Така правиме неколку месеци наназад бидејќи овој процес се разговара подолго време, дури и на АФЕТ имаше два амандмани кои за жал беа прифатени на самиот состанок, иако никогаш претходно не беа разговарани. Има и други два амандмани што се предложени, а кои ние сметаме дека се спорни, но ние не сме таму, бугарските пратеници се внатре во Парламентот ние се обидуваме од надвор преку контакти со наши поддржувачи да ги неутрализираме, рече Османи.
Тој повтори дека тоа нема да влијае на целиот процес, бидејќи не постојат дилеми со кој било друг, освен со Бугарија, и оти тој став не може да се наметне како европски став, но сепак треба да сме поактивни во тој дел за континуирано да ги објасниме нашите позиции.
Османи оцени дека сепак мора да се стави акцент дека резолуцијата во ЕП е позитивна, бидејќи таму јасно се вели дека билатералните прашања не треба да бидат дел од пристапниот процес.