Реафирмирање на традиционалните и пријателски односи меѓу Република Северна Македонија и Црна Гора, нагласување на подготвеноста да се изнајдат конкретни форми за збогатување на секторската соработка, особено во реалниот сектор – економијата, размената, туризмот…, биле во фокусот на денешната средба на министерот за надворешни работи Бујар Османи со неговиот црногорски колега Ѓорѓе Радуловиќ, во рамки на официјалната посета на Црна Гора.
– Секогаш е убаво да се биде меѓу пријатели, во посета на пријателска земја, а Северна Македонија и Црна Гора се добар пример за тоа. Денешната посета на Црна Гора ја сметам за важна, како за нашите билатерални односи, за кои исто така сметам дека се одлични, така и за целиот регион, кој сѐ уште е обременет со сериозни предизвици, особено за неговата европска иднина, истакнал Османи, се наведува во соопштението од МНР.
Покрај билатералните односи, на средбата во Подгорица, биле отворени и темите за соработката во рамки на НАТО сојузништвото, како и заокружувањето на европската перспектива на двете земји .
– Процесот на проширување на ЕУ, или да се изразам попрецизно – заокружување или обединување на континентот во еден сојуз – нема алтернатива. Кога се работи за членството на земјите од Западниот Балкан во ЕУ не се поставува прашањето дали, туку како и кога!, истакнал Османи.
Посетата на министерот Османи во Подгорица, се наведува во соопштението од МВР, продолжува со негови средби со претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, претседателот на црногорскиот Парламент Алекса Бечиќ, премиерот Здравко Кривокапиќ и потпретседателот на Владата Дритан Абазовиќ.