Османи: Бесмира Ејупи знае јазици и има безбедносен сертификат од највисок ранг

by fokus

Јавноста го обвинува МНР за непотизам, а последниот случај е со сопругата на пратеникот Мартин Костовски, која премина со работа во ова министерство. Министерот Бујар Османи вели дека нема ништо незаконито во вработувањето.

-Министерството има недостиг на кадар кој ќе се посвети на тешката работа во дипломатија. Нововработените започнуваат со минимална плата и треба години за да напредуваат во кариерата. Тоа е тешка професија, тие се некој вид номади кои цел живот го поминуваат на различни места. Госпоѓата Костовска е преземена од Куманово и сега е на пониска позиција одошто била претходно, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи во Студио 10 на ТВ 24.

Министерот вели дека Костовска е на постдипломски студии по меѓународна политика во Прага и во нејзиниот случај не станува збор за трговија со влијание.

Случај кој ја разбранува јавноста е случајот на презентерката Бесмира Ејупи за која се велеше дека се подготвува за конзул, а сега е вработена во МНР.

– МНР има потреба од 50 вработувања но сега Министерството за финансии одобри 16. Секој млад човек кој знае јазици и сака да се посвети да конкурира. Ејупи е преземена од Министерството за политички систем, како што по закон се преземаат и други службеници, вели Османи за Студио 10.

За Ејупи вели дека знае јазици и имала безбедносен сертификат од највисок ранг како член на службата на протокол во претходното министерство.

Поврзани новости