Шефот на дипломатијата Бујар Османи, денеска во рамки на работната посета на Сојузна Република Германија, имаше средби со неговиот домаќин, германскиот сојузен министер за надворешни работи, Хајко Мас и со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот.
Како што соопшти МНР, во фокус на разговорите на средбата меѓу Османи и Мас беа подготовките пред Самитот на ЕУ – Западен Балкан во Брдо кај Крањ, надминувањето на разликите со Бугарија, како и најновите внатрешно – политички состојби во нашата земја.
-Факт е дека Берлин е најсилен предводник за европската перспектива и на Северна Македонија, како и на целиот регион. Имаме важен Самит пред нас и поддршката од партнерите како Германија е неопходна, прво и за да ги надминеме разликите со Бугарија за да се одблокира процесот, но и да го вратиме европскиот кредибилитет во регионот, спротивставувајќи се со тоа и на скептицизмот во ЕУ, истакна Османи.