Осилениот Максо

by Fokus

Опиен од моменталната популарност, тој јасно ги разоткрива причините за неговото разидување со СДСМ. Тој е дел од оние што го прават СДСМ ист како ВМРО ДПМНЕ на Груевски

Ѓорѓи СПАСОВ

Се има осилено Максо од Куманово деновиве. Како паун настапува од една на друга телевизја, се шепури, дели совети, мудрува, прави анализи, прогнозира и раскажува, како народот ги наградувал на избори тие како него добрите, принципиелните и непокорните.

Тој не се чуствува само како некој кој „ги победил кандидатите на двете најголеми партии во Македонија„ во трката за градоначалничкото место во Куманово, туку како „нова појава „ во македонската политика.

Мудрува дека СДСМ бил добар во опозиција додека се борел за власт, ама откако станал власт (од која беше и тој дел цели 4 години, како градоначалник на СДСМ) почнал да прави грешки.

За разлика од него, кој се однесувал скромно, мудро одговорно, дошло до некоја аздисаност на поединци во власта, не ги решавале проблемите на народот и замислете, наместо да се посветат на проблемите на трудот, образованието и социјалата ( како социјалдемократи), тие „премногу внимние посветиле на неважни работи за Македонија каква што е надворешната политика (членството во НАТО влез во ЕУ и односи со соседите).

Да се прашувал тој за приоритетите, се ќе било поинаку.

ПРАВЕДНИКОТ И ПОБЕДНИКОТ

А граѓаните, според Максо, не грешат. Во него препознале праведник и борец, го наградиле, а многу други кандидати на СДСМ грешници и неправедници и со право го платиле цехот.

Проблем е за Максо и тоа што, замислете, „некои членови на СДСМ„ сметале дека треба да останат „доживотно„ на политичките функции, за разлика од него кој би бил задоволен само со четири до пет мандати на

пратеник и градоначалник. Тие со амбиции за доживотни политичари во СДСМ , според Максо, биле главниот проблем на СДСМ и од нив страдала партијата.

И да. Не го слушале Максо кога им кажувал дека има криминал во Фондот за иновации, афери во Министерството за здравство и дека на такви кадри како него треба да им се даде малку поголема гласност и важност во критиките и тие виновните да се менуваат.

Праведникот и победникот Максо е сега сосема задоволен од себе.

Немал тој проблем ниту разидувања со членството во сопствената партија, па дури ниту со она кое гласаше против него на изборите во Куманово , туку само со некои луѓе во „лидершипот„ на партијата со кои ги имал заладено односите.

ЛИДЕР МАРИОНЕТА

Максо како мудрец, изгледа веќе се му има простено на лидерот Заев и очекува дека тој наскоро ќе замине од функцијата. Но, имало многумина околу Заев кои биле креатори на главните погрешни политики и кои, според него, мора да бидат сменети и да понесат одговорност.

Тие се неговата главна пречка, иако вели дека како на градоначалник на Куманово со обновен мандат, не му е потребен веќе никој. Сепак на Максо изгледа не му е сеедно каков нов лидер ќе избере СДСМ, партијатата што наводно се уште ја смета за своја, но, која не треба за ништо да ја прашува.

Тој како „загрижен „член вели, не знаел што ќе се случува и кој ќе биде избран за лидер на СДСМ, но замислете „не сакал СДСМ да избере лидер марионета„. Тоа е лидер кој би бил кукла во рацете на другите од раководството, каков што Максо веројатно смета дека станал Зоран Заев.

И уште нешто. Максо би сакал СДСМ да избере ново раководство кое нема да биде под влијанаие на поранешното или на досегашното раководство.

А што значи ова од страна на Максо, освен гневот кон оние од „поранешното раководство„ кои работеле против него и сакале политички да го онезвозможат.

Тоа може да се дознае од неговите „пошироки„ политички размислувања.

„ОБЕДИНУВАЧОТ“ ОД КУМАНОВО

Играјќи на сентиментот на македонската чуствителност во однос на некои навреди од бугарска страна, и малку од нејаснотиите посеани со идејата за бришење на поимот „бугарски„ окупатор од спомениците, Максо влегува во филмот на некаков „политичар патриот и обединувач„.

Тој се расфрла со храброста дека го вратил орденот добиен од Каракачанов по повод 100 годишнината од Првата светска војна, во знак на протест заради негирање на македонскиот ннационален идентитет од страна на Бугарија. Зборува дека мора да се почитуваат црвените линии во одбрана на националниот интерес.

Сме губеле многу време со надворешната политика. Бучковски според него не е добар претстваник на Македонија за преговори со Бугарија. И на крајот дека „сме морале да излеземе сите и да изнејдеме приоритетити, по однос на она што значи македонски национален став и единство„

Конечно. Максо „Обединувачот„ од Куманово ни порачува дека „Мора да се изнајде политичка елита којашто ќе седне на маса и ќе потпише еден таков договор, без разлика дали се работи за Левицата или десницата, да ги дефинира македонските национални интереси.

Нашиот „нов херој од Куманово„ вика на сет глас: „Дали се работи за Заев, Мицкоски, Максим или било кој друг (видете само кај себе се сместува), но да го стави тоа на хартија и да не отстапува од таквите ставови во понатомошното раскусурување во политиката дали на домашен или на меѓународен план„.

„ОБЕДИНЕТИ ПАТРИОТИ“

Се, на се, треси Максо како Максим по дивизија.

Опиен од моменталната популарност, тој јасно ги разоткрива причините за неговото разидување со СДСМ. Тој е дел од оние што го прават СДСМ ист како ВМРО ДПМНЕ на Груевски. Тоа треба да биде партија која не отстапува од црвените линии со силен патриотски набој.

Партија која не треба да губи време многу со надворешната политика. Партија на локални шерифи кои не го фермаат централното раководство. И партија чии градоначалници ќе прават што сакаат, но постојано сите други ќе им бидат виновни за тоа што не се успешни или поуспешни.

Таквите партии се Демократски партии за македонско национално единство, како ВМРО, но најчесто против сите други, со скриена агенда која го доведува во прашање сето до сега постигнато. Така победуваше Груевски со години. Така не сакаа да победуваа Зоран Заев, ниту пак неговите кандити за градоначалници.

Тој концепт на Максо завршува во прегратките на ВМРО-ДПМНЕ, со правење мнозинство за Совет со таа партија. Тое е коцепт, за кој времето ќе покаже на „Обединети патриоти„ кој води секогаш, за жал, во еден вид „патриотски грабеж„ и ја враќа земјата во години нананзад во нејзиниот развој.

Поврзани новости