Со непроменети цени цели 17 години, осигурителните компании продолжија да продаваат полиси за осигурување на возила и покрај енормните поскапувања во сите сектори кои го засегаат овој бизнис, пишува Фактор.
Иако цените на полисите останаа исти, цените на резервните делови на возилата, вредноста на возилата, работната рака, реосигурувањето, драстично се зголемија, а со самото тоа што минатата година, беше донесена одлука да нема покачување на цената на полисите, беше нанесен неправеден удар кон осигурителната индустрија.
Познавачите велат дека мора да има корекции на цените, бидејќи инфлацијата го изеде автоосигурувањето. Велат дека некои работи кои ја засегаат оваа индустрија се со пораст на цената од над 100 проценти и дека тоа претставува голем товар за компаниите од осигурителниот бизнис.
Осигурувањето од автомобилска одговорност е задолжително осигурување согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот. Со ова осигурување се покрива одговорноста на сопственикот за штети причинети на трети лица кои за последица може да имаат смрт, повреда, нарушување на здравјето, оштетување и уништување на предмети. Цената за осигурувањето од автоодговорноста ја утврдува Комисија за автоодговорност при Владата на Република Македонија. Владата на Република Македонија носи одлука за висината на минималната и максималната техничка премија.
Минатата година цените на полисите беа фиксирани од страна на Министерството за финансии, откако осигурителните компании побараа да се зголемат цените, заради зголемите цени на автоделовите.
Поконкретно, лани во мај, Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност утврди потреба од измени на тарифата за премии за осигурување и подготви предлог-измени со кои се враќа цената на осигурувањето за автоодоговорност, на ниво на кое што беа пред 25 април минатата година.
Од министерството за финансии уште тогаш истакнаа дека состојбите на пазарот ќе се следат и дека ќе се преземаат соодветни одлуки, врз основа на анализи и во еден отворен и транспарентен процес, но до ден денес нема никакви измени во цените на автоосигурувањето.