Осигурителната полиса на НАТО не важи за луѓето што решиле самите да си ја запалат куќата

by Фокус

Плачот над судбината на загубената држава се слуша секој ден еве веќе две децении, а отрезнувачките зборови дека таа е тогаш спасена, речиси да ги нема. Всушност, ако некоја партија сака да добие на избори, мора да внимава да не ја негира позицијата на националистите. И тука СДСМ „трајно“ загуби, а ВМРО-ДПМНЕ „трајно“ доби.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Првата интервенција во нашиот Устав ја направивме само дваесетина денови по неговото донесување во декември 1992 година. Во обид да ни помогне, претседавачот со Конференцијата за Југославија, Лорд Карингтон, со своите соработници, се истовари пред Собранието на Македонија.

Влетаа во една од салите за разговор со претседателот Киро Глигоров на кој бев и јас како министер за надворешни работи.

Навалувајќи се кон нас, Карингтон дискретно праша дали се снима во салата. Не се снима, одговоривме во глас со претседателот, мислејќи на снимање организирано од нас.

Потоа разбрав дека има и поинакви, „неорганизирани“ снимања во политиката. За Карингтон беше важно да го знае тоа затоа што сакаше дискретно да ни ја соопшти идната одлука на Бадинтеровата комисија и да нѐ посоветува што да направиме за поволен исход.

Имено, како што му кажал Бадентер, единствената проблематична точка во извештајот за Република Македонија што го подготвуваше Комисијата, биле членовите на нашиот Устав, кои зборуваат за грижата за малцинствата во соседните држави.

За првпат, од нас се бараа уставни промени во текстот. Претседателот Глигоров, разбирливо, крена глас против идејата за промена на највисокиот акт на државата толку бргу по неговото изгласување. Јас мислев поинаку.

Побарав, тука на масата да формулираме компромисно решение, со кое ќе ја добиеме поддршката на сите судии на уставните судови на земјите на Европската заедница што членуваа во комисијата на Бадентер.

Решението што го предложив беше, не бришење на спорните членови од Уставот, туку алинеја во која се вели дека сето погоре напишано не значи мешање во внатрешните работи на соседите.

Карингтон и екипата сметаа дека тоа е доволно, но јас сакав да се обезбедам од каква било грешка или недоразбирање, па инсистирав на прецизна формулација на лист хартија.

ПРВА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ

Тоа и го сторивме. Листот го имам во мојата лична архива од времето. Уставните измени беа направени на седница на која ја образложив важноста од таквите промени и позитивно мислење на комисијата на Бадентер.

Следниот месец следеше одлуката на Арбитражната комисија, во која стои дека само Словенија и Македонија ги исполнуваат условите за признавање од страна на државите-членки на ЕЗ. Другото е историја.

Тоа е историјата за моќта на меѓународната политика врз меѓународното право. Но, тоа е и историја на една „советодавна одлука“, со која тргнавме во поход за признавање на самостојната држава.

Одлука, која го носеше потписот на големите сили, оние кои отсекогаш ја држеле рамката на светската политика. Со таа одлука се испреговара и повлекувањето на ЈНА од територијата на Републиката, а почнаа да пристигнуваат и првите меѓународни признавања од Словенија, Хрватска, Бугарија, Турција, Русија…

Но, во тие драматични денови, една лага, пренесувана од уста на уста и од текст на текст, почна да живее: дека од Уставот се избришани членовите во кои е запишана грижата на државата за македонското малцинство во соседните земји.

Никакви деманти не помагаа. Македонскиот национализам создаде уште една приказна за нашата трагична судбина и за „предавствата“ на власта, која ја всади во срцата и во умовите на граѓаните за да вирее до денешен ден.

Мислам дека кога би се направила анкета денес би се покажало дека огромното мнозинство смета дека тогаш се исфрлени контроверзните членови од Уставот. Зошто?

Затоа што, пренесено на меѓупартиски план, СДСМ „трајно“ загуби гласови со вистината, а ВМРО-ДПМНЕ „трајно“ доби гласови со лагата, па вредеше таа да се повторува.

Втората интервенција во нашиот највисок правен акт беше, за да се прекине уште една меѓуетничка војна на територијата на поранешна Југославија меѓу Македонците и Албанците, преку промена на Уставот со цел рамноправност.

Огромното мнозинство Македонци си го сакаа Уставот токму таков каков што беше, со доминација на мнозинската етничка зедница преку принципот „еден човек, еден глас“, фамозниот „граѓански принцип“.

Странските проценки, и по некои осамени гласови дома, беа дека вистинското име за таквото уставно решение е „мајоризација“, изворот на сите етнички конфликти, кои ја разбија федерацијата и дека, за да се спаси младата македонска држава, потребни се заштитни механизми за малцинството.

Како ехо на историскиот наратив за вечно онеправданиот македонски народ, политичари, новинари и интелектуалци од различни профили се погрижија оваа свест никогаш да не продре до Македонецот.

И покрај промената на Уставот пред дваесет години, до денешен ден, преовладува свеста, не дека тогаш е спасена Македонија, туку дека тогаш почнало уништувањето на државата и на нацијата.

СПАСУВАЊЕ ИЛИ УНИШТУВАЊЕ?

Плачот над судбината на загубената држава се слуша секој ден еве веќе две децении, а отрезнувачките зборови дека таа е тогаш спасена, речиси да ги нема.

Всушност, ако некоја партија сака да добие на избори, мора да внимава да не ја негира позицијата на националистите. И тука СДСМ „трајно“ загуби, а ВМРО-ДПМНЕ „трајно“ доби.

Третата интервенција беше промена на уставното име за да станеме членка на НАТО. Всушност, со Преспанскиот договор се откажавме од историскиот наратив за нашето античко потекло во замена за грчкото признавање на младата словенска нација и нејзиниот јазик.

Се разбира, имаше прилики самите да го сториме тоа во минатото, кога нашата загуба можеше да биде помала, но самите не можевме да најдеме решение.

„Името“ стана тема на која се добиваа или се губеа избори цели 25 години. Ситуацијата се смени кога интересот на Америка беше ставен на коцка визави рускиот продор на Балканот.

Никој, се разбира, не е среќен со промената на името. Но, оние „национални“ сили, кои ја кренаа цената на компромисот до небо високо, ги обвинија оние кои повеќе беа подготвени на компромис дека го преплатиле компромисот.

Никогаш Северна, само Македонија, ечи од моментот на промената до денес. Тоа дека станавме членка на НАТО и ја зајакнавме нашата надворешна и домашна безбедност ретко се спомнува.

Зашто, факт е: една држава нема право на друга држава да ѝ наметнува име како што е факт дека без промената на името и на државниот поглед на античкото минато, Грција ќе продолжеше да „нѐ дави како змија жаба“ (Глигоров).

За жал, за голема жал, сѐ уште важи прастарата максима дека силните го прават она што можат, а слабите она што мораат во меѓународната политика. Ако Украина не е доказ, не знам што е.

Сепак, посилно од сите реалистички објаснувања се емоциите, кои, изразени со четири збора, уриваат сѐ пред себе и собираат гласови на избори: „Никогаш Северна, само Македонија“.

Во овие три децении, претседателите и владите од редот на македонските националисти, кога им конвенираше, не ретко се повикуваа пред меѓународната зедница на компромисите што сме ги направиле како држава, ама дома, за изборни потреби, ја држеа подгреана тезата за серијата „предавства“.

А вистината е токму спротивната: со секоја промена на Уставот од почетокот на 1990-тите до денес јакнеше македонската држава. Ова е факт кој никој не може да го негира. Еве еден пример.

Тогаш не можеше ни да се помисли дека Македонија, „бебето од катран“, како што нѐ нарече еден американски емисар, од кое сите се плашеа да му се доближат и да го допрат за да не се залепат, ќе стане членка на НАТО.

Поставени на колосекот на ЕУ, овој месец требаше да ја направиме четвртата интервенција во нашиот Устав.
Сојузниците од Вашингтон и од Брисел интервенираа во македонско-бугарскиот спор и со францускиот предлог и ни го отворија патот кон полноправно членство во ЕУ.

ПАТА ПОЗИЦИЈА

Со промена на Уставот ќе се качевме на возот, кој замина без нас. Бидејќи возот замина, сега ќе ги чекаме изборите во ЕУ и во Америка на крајот на следната година за да видиме каде сме ние, а каде се тие.

Се плашам дека, без оглед на изборните резултати, ќе се најдеме во пата позиција, како што велат шахистите, кога без решение ќе ги вртиме политичките фигури во круг.

Не е исклучено тоа да биде проследено со политички кризи. Всушност, тоа е многу веројатно. Штета, од готово направивме вересија.

СДСМ и претседателот на републиката ја промовираа тезата дека „ништо страшно“ нема да се случи ако се внесат Бугарите во Уставот, а ВМРО-ДПМНЕ и приврзаниците дека со тоа ѝ се става крај на македонската нација.

Може да е во право и СДСМ, но може да е во право и ВМРО-ДПМНЕ. Само една сериозна и конструктивна дебата во која секоја страна ќе се концентрираше на аргументите на другата, можеше да ни каже што е што.

За таква дебата не сме способни и ќе ја платиме цената како држава.

Она што јас го научив кога се создаваше современата македонска држава е дека не смееме да изгубиме чекор со сојузниците. Истакнат претставник на партизанската генерација ми вели за лекцијата што ја научил во текот на Февруарскиот поход: прави што ќе правиш, му велел умот, само не заостанувај зад бригадата зашто без неа си готов.

Така е и со малите држави во светската политика. Секој мал процеп што ќе ти го отворат твоите сојузници, мораш да го искористиш за да ја провреш државата напред кон целта.

Макар колку да ти изгледа „тесно“. Нема место, ниту време за приговори. Таков процеп е францускиот предлог на Вашингтон и на Брисел.

Вистина, решението на еден проблем (како да продолжат преговорите за членство во ЕУ) отвора нови проблеми, но нели е така секогаш и во животот на човекот?

Со новите предизвици се соочуваме храбро зашто секогаш ќе ги има. И, да: нема гаранции за ништо.

Дипломатијата од почетокот на независноста ја паметам буквално како трка зашто пропуштена шанса денес можеше да е пропуштена шанса засекогаш.

Се плашам дека на сцена е генерација, која не знае ништо од ова зашто се ѝ било лесно во политичкиот живот.

А, најлесно што им се случило е да управуваат со држава: министри, пратеници, портпароли од нашиот сокак. Спијат мирно и јадат на сметка на НАТО и ЕУ, а кога ќе се разбудат, душмански ги навредуваат.

Кога ќе се сетам како со респект и благодарност го дочекавме вториот секретар на една странска амбасада во Белград, кој се осмели да ни дојде во Скопје во 1991 година, се згрозувам од исмевањето на напорите на премиери, министри за надворешни, високи претставници на ЕУ и на НАТО или на Вашингтон, кои ни доаѓаат „на нога“ за да нѐ молат да не губиме чекор со нашите сојузнички политики.

Тоа можат да го прават само аздисани, себични, но над сѐ неуки луѓе. И да не заборавам да кажам: осигурителната полиса на НАТО не важи за луѓе што решиле да си играат со оган и самите да си ја запалат куќата.

Поврзани новости