Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка – „Правда за штедачи“ денеска поднесе барање за неотповиклива оставка на претседателката и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за, според нив, пречекорување на надлежностите и овластувањата заради недозволен и неовластен притисок врз уставен судија со изнесување на јавно предупредување.
Како што истакна правниот застапник на Здружението „Правда за штедачи“, адвокатот Љупчо Кузмановски, по предавањето на барањето до ДКСК, тоа е поднесено поради тоа што Комисијата „без никаква потреба и без основа се вмешала во постапката пред Уставниот суд за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки“.
– Тоа вмешување го направи преку пречекорување на надлежностите и овластувањата што ги има Комисијата, но што е уште потрагично пречекорувањето беше направено на недозволен и неовластен начин со притисок врз уставен судија поради наводен судир на интереси со што беше принуден заедно со останатите членови на Уставниот суд да поднесе барање до Комисијата за расчистување на тој случај. На тој начин не само што беше извршен притисок врз конкретниот уставен судија, туку и Комисијата изврши влијание и на Уставниот суд како институција за тој да не работи и да не одлучува по точката на дневен ред на 15 април 2021 година, изјави Кузмановски.
На тој начин, според него, ДКСК неовластено и недозволено се вмешала во работата на судската власт и ја загрозила нејзината самостојност и независност.
– Преку вмешување во работата на судската власт ДКСК намерно или не отиде до тој степен што ги загрози темелните вредности на уставниот поредок преку непочитување на уставните начела за владеење на правото и поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Сето тоа преку пристрасно и необјективно заземање на став за судир на интереси во врска со поднесената иницијатива пред Уставниот суд без при тоа да утврди факти или да согледа одредени околности, бидејќи според изјавата на претседателката на ДКСК до петок 16 април кај нив немало воопшто отворено предмет што значи дека немале никакви сознанија во однос на предметот за кој заземале став. Затоа сметаме дека ова се доволни причини ДКСК треба да поднесе неотповиклива оставка, рече Кузмановски и додаде дека со постапките во изминатите неколку дена Комисијата го загрози уставниот поредок.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска на штедачите кои беа собрани пред просториите на комисијата им порача дека сочувствува со нив, но дека не сака да се меша ниту во одлуките на Судот, ниту понатаму за судбината на Еуростандард банка.
– За процедурата како сето тоа се случило има отворено предмет кај нас. Толку можам да ви кажам. Немаме никаков притисок кон уставните судии и со денешната одлука тоа и го докажавме, изјави Ивановска.
Таа посочи дека во петокот на крајот на работното време добиле барање од претседателот на Уставен суд ДКСК да се искаже дали сите уставни судии се во судир на интерес по однос на одлучувањето за поднесеното барање од штедачите од Еуростандард банка.
– Ние денеска го разгледавме нивното барање и го изградивме нашиот став во кој го кажавме следното: Со оглед на тоа што се работи за одлучување на усогласеност на закон со Устав, односно за одлучување по општ акт сметаме дека во конкретниот случај судијата може да си присуствува и да си одлучува. Она што секогаш го кажуваме, а стои во нашиот закон, е дека секој поединец траба да си води сметка за да не се наоѓа во состојба на судир на интереси и да не се наоѓа под влијание. Ова значи дека судијата може да си одлучува, меѓутоа да води сметка за своето непристрасно одлучување при судењето, рече Ивановска и најави дека дописот со одговорот на мислење до Уставниот суд ќе го испратат во текот на денот.
Во конкретниот случај, додаде таа, со оглед на тоа што не се работи за поединечен случај, за поединечно лице, за поединечна поврзаност, ДКСК смета дека судијата не е во состојба на судир на интерес. – Ако гледаме така тогаш сите судии на некој начин би требале да бидат во некаков судир затоа што секој е некаде штедач, додаде Ивановска.
Прашана од штедачите дали и на 15 април имала став, Ивановска рече дека од ДКСК не излегле со соопштение и дека само имало одговор на новинарско прашање на кое колегите ги предочиле истите членови што ги кажала погоре.
На прашањето дали смета дека на тој начин извршиле притисок врз уставен судија и влијаеле Уставниот суд да не одлучува на таа седница, претседателката на ДКСК рече дека нивна намера не е да вршат притисок и додаде дека Судот побарал од нив да дадат мислење до среда кога ќе одлучува, а Комисијата, како што рече, ќе им го достави денеска.
На тоа Кузмановски оцени дека денешниот став што го искажа Ивановска не ги ослободува членовите на ДКСК и претседателката од, како што рече, одговорноста што ја имаат за постапките што ги преземаа во претходните неколку дена.
– Без оглед што денеска го промени ставот, ДКСК веќе го изгуби легитимитетот и кредибилитетот како и етичкиот и професионалниот кодекс за работа во институцијата која треба да се бори против корупцијата и судирот на интереси и не треба да има дилема за членовите на Комисијата дека треба веднаш да поднесат неотповиклива оставка, рече Кузмановски, додавајќи дека тие воопшто немаат надлежност да одлучуваат за судир на интереси што се случува во судската власт, која, како што рече, има сопствени механизми за надминување на таквата состојба кои не се поврзани со ДКСК.
Според јавно достапното соопштение, како што рече, Уставниот суд на седницата одржана на ден 15.04.2021 година уште еднаш не донесе одлука по иницијативата за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, со кој на Фондот за осигурување на депозити му се дава предимство при наплата на побарувањата во стечајната постапка во однос на сите други доверители. Овојпат, дилема била дали судијата Дарко Костадиновски имал судир на интереси затоа што бил во кумовски односи со Коста Костовски, синот на Трифун Костовски, кој беше сопственик и главен акционер во Еуростандард банка. Во врска со ова прашање, Уставниот суд решил да се обрати до ДКСК, која треба да се произнесе дали постои судир на интереси кај судиите на Уставниот суд.
Фондот се уште нема обесштетено 24 милиони евра на 780 физички и 12 милиони евра на 2.000 правни лица. Штедачите го оспоруваат, според нив, спорниот член од Законот за банки кој вика дека Фондот има приоритет во стечајната маса и може да ги земе неговите побарувања пред другите штедачи и правни лица во банката.