Ако сте мислеле дека Швајцарија, како неутрална земја, нема армија – грешите. Секој полнелетен маж има воена обрвска, а жените може да бидат обучувани на доброволна основа. Секако ви е познато швајцарското армиско ноже. Тоа не е единственото оружје со кое располага оваа воена сила. Да не ја заборавиме и на Швајцарската гарда која се грижи за бебзедноста на Ватикан веќе шести век наред. Таа е, сепак, независна од матичната швајцарската армија. Што ја прави Швајцарија неутрална? Тоа што ислучиво би се бранела во случај на напад, но нема би влегла во ниту еден воен сојуз со земјите од која било завојувана страна.
Дали во Македонија постојат „завојувани страни“? Намерно користам наводници. Ако, треба јас да си го одговорам прашањево, ќе кажам – Не гледам ниту страни, уште помалку завојувани страни. Не гледам две вистини, ниту пак две реалности. Не би можела да се сложам дека сме станале шизофрено општество. Гледам шака разобличени политички гревчиња кои се обидуваат по секоја цена да направат одбранбен штит со лаги и уште поголеми лаги. Тој штит им пука по сите шавови под притисокот од граѓански и/или партиски иницијативи, гласни поедници. Илузијата на монолитност и непобедливост се топи под топлите прегратки на нашите сограѓани, се разлева со секоја шега пласирана на вистинска адреса.
Ако се согласивме дека не постојата завојувани страни – која е тогаш позицијата и улогата на неутралците? При тоа, не зборуваме за оние аполитични, незаинтересирани луѓе кои заради една или друга причина си молчат и си го гледаат асталот чекајќи исход од ситуацијава. Не. Зборуваме за мудреците премачкани со сите бои, кои сега не се сигурни која боја дрес ќе им одговара за даденава пригода. Кое е оружјето на наутралците? Ст(р)авот. Стравот кој сакаат прикриено, дури и добронамерно, да ни го пренесат преку родителските совети за однесување : благо водење за рака низ каналите на институционалниот и правниот систем, повици на помирување, покани за опозијата да се врати во Собрание, наговестувања за братоубиствени војни, етнички судири, поделба на државата, крај на Светот. Бре, бре! Мислам дека тука чичкото Фројд би имал бајаги да анализира на темата – Што и’ е на бабата мило, тоа и’ се сонило.
Преку глава од салонско мудрување. Преку глава од гиљотината на војна и анархија која ја поставувате врз наште вратови. Ако уште мислите дека некого го интересира вашиот став, обидете се да ја кажете вистината. Без страв. Вистината е дека се случува натпартиско, надетничко, соединување на мојот народ. Вистината е дека мојот народ прогледува и реагира. Многу добро знае и умее да го направи тоа и без вашите анализи.
Според тоа, драги мои аналитичари, анализатори, сепаратори – можете слободно да го одложите оружјето.
Гордана Попсимонова, универзитетски професор