ТВ водителот Орце Гелевски, кој на локалните избори беше носител на листа за Совет на Аеродром на Интегра, сепак не успеа да добие доволно гласови од граѓаните и да стане советник во општината. Според официјалните резултати од ДИК, Интегра во Аеродром освоила само 214 гласа, односно 0,63 проценти од гласовите.
Кандидатурата на Гелевски, кој е познат во земјава како музички уредник и водител, а во минатото беше и уметнички директор на фолк фестивалот Валандово, ја изненади јавноста. На почетокот на месецов, во разговор за ,,Фокус” тој откри дека се решил за влез во политиката како носител на советничката листа за Општина Аеродром, ,,Храброст за промени”, бидејќи 40 години живеел во Аеродром и добро ги знаел недостатоците на општината.
-Си останувам на примарната професија, на водителството, имам среден семеен живот, но чувствувам дека можам да дадам свој придонес и во општеството. Генерално, состојбата во земјава мора да се подобри, иако ова е на локално ниво, верувам дека ќе можам да помогнам со своите познавања на проблемите, исто така познавам луѓе од сите области кои можат да се вклучат во враќање на сјајот на Аеродром-појаснуваше Гелевски.
Во тамошниот општински Совет влегоа советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, СДСМ и Левица.
Вики Клинчарова