Оровчанец за „Фокус“: Никој не ме консултирал за Арсовска да биде претседател на Нова Алтернатива, јас си поднесов оставка

by Fokus

Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска не се откажува од политичките амбиции, па наместо досегашните планови за формирање на своја партија, таа најверојатно утре ќе стане претседател на партијата Нова Алтернатива, која до пред некое време беше предводена од доктор Ѓорѓи Оровчанец.

Според нашите информации, Арсовска и нејзиниот  човек од сенка Драган Митковски не успеале да ги соберат потребните 1.000 потписи за да ја формираат партијата „Правда“, за која како што објавивме уште пред неколку месеци,  а таа официјално потврди на почетокот на годината.

„Во процес сме на формирање на политичка партија“, истакна тогаш Арсовска.

На прашањето дали тоа значи дека може да се очекува нејзино учество на претстојните парламентарни избори во мај годинава, Арсовска одговори:

„Toa значи дека сме во постапка да им покажеме на граѓаните дека може поинаку од овие изминати 30 години кога овие две политички елити само си ги менуваат позициите, а остануваат со истите ставови и едвај чекаат да ја зафатат фотелјата и да продолжуваат да го прават истото против кое претходно кажувале дека ќе се борат. Да им укажеме на нашите граѓани дека некој може да дојде и да работи поинаку“, додаде актуелната градоначалничка на Скопје.

Во меѓувреме, работите се менуваат, па наместо да формира партија, за која не може да ги собере потребните потписи, таа ја презема партијата „Нова Алтернатива“, која според нашите сознанија од утре ќе биде под нејзина раководна палка.

„Фокус“ го контактираше досегашниот претседател Оровчанец, кој тврди дека си дал неотповиклива оставка и дека за тоа што се случува внатре во партијата никој не го информирал.

„Јас веќе три месеци сум на боледување. За тоа што се случува во партијата никој не ме информирал и си дадов оставка од претседателското место. Ниту некој ме консултирал дали да биде Арсовска претседател, нбиту ме запознале, истакна Оровчанец во изјава за „Фокус“.

Партијата е создадена од страна на Ѓорѓи Оровчанец во 2007 година, во периодот кога тој бил член на ВМРО-НП и пратеник во Собранието. На парламентарните избори во 2008 година, „Нова Алтернатива“  учествува во коалицијата предводена од СДСМ каде што добива едно пратеничко место.

Партијата останува во коалицијата предводена од СДСМ и на наредните избори, но не добива пратеничко место. Тие не учествуваат на изборите во 2014 година, но повторно се приклучуваат на коалицијата предводена од СДСМ на парламентарните избори во 2016 година.

Веќе на наредните избори во 2020 година, партијата учествувала во коалиција предводена од СДСМ.

Ирена Мулачка 

 

 

Поврзани новости