„Орка Холдинг“ на семејството на бизнисменот Орце Камчев доставила известување за намера за преземање на тетовски „Жито Полог“, каде најголем дел од акционерскиот капитал и веќе е сконцентриран во раце на Камчеви и нивни блиски луѓе. Како што стои во известувањето на „Орка“ до Македонска берза, понудата за преземање и проспектот ќе бидат дадени согласно Законот за преземање на акционерски друштва.
„По добивањето на дозвола за понуда за преземање од страна на Комисијата за хартии од вредност, понудата за преземање ќе бидат јавно објавени и достапни за акционери на Жито Полог“, се наведува во известувањето, каде уште стои дека известувањето е доставено до повеќе институции и ќе биде објавено јавно во весник.
Веднаш потоа, Македонска берза извести дека донесен е заклучок за внесување на издавачот „Жито Полог“ АД Тетово на „Листата за набљудување“ што се објавува на веб страница на Берзата, согласно Правилата за котација, со цел „обрнување на внимание на инвеститорската јавност поради објавена намера за давање јавна понуда за преземање“.
Според Централниот депозитар за хартии од вредност, моментално „Орка Холдинг“ поседува 24,98 отсто од акциите во „Жито Полог“, додека самиот мелнички комбинат поседува 20,6 отсто од акциите. Воедно, има уште неколку акционери кои се јавно објавени, бидејќи поседуваат над 5 отсто од акциите.
Имено, Тони Јосифовски располага со 19,86 проценти, друштвото „Лид Комјуникејшнс“ располага со 12,51 проценти, лицето Ненад Јосифовиќ располага со 12,47 проценти, а компанијата „Софија Градба“ располага со 5,13 проценти од капиталот на тетовскиот мелничко-пекарски комбинат.
До неодамна, акционер во „Жито Полог“ беше и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, меѓутоа тој пред неколку месеци сите 11.119 акции со право на глас или 19.86 отсто од акционерскиот капитал му ги продаде на Тони Јосифовски, чие име и и презиме се совпаѓа со познат доктор кој работи во „Систина“ во косопственост на „Орка“ и турски „Аџибадем“.
Што се однесува до другите најголеми акционери, маркетинг компанијата „Лид Комјуникејшнс“ е поврзана со уште еден акционер во Жито Полог – Ненад Јосифовиќ. Според Централниот регистар, тој го поседува „Лид Комјуникејшнс“ директно како физичко лице, но и преку сопственост во содружникот „Кала Медиа“. Инаку, Јосифовиќ важи за близок соработник на Камчев, а двајцата беа опфатени во предметот „Империја“.
Во рамки на овој мега-предмет за перење на пари, кој заврши со спогодби за признавање на вина и релативно пониски затворски казни во замена за враќање на парите во буџетот, опфатен беше и поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, чиј син Јордан Мијалков исто така поседува акции во „Жито Полог“ преку акционерот „Софија Градба“.
Оттука, Камчеви, директно или индирекно, и сега имаат доминантно учество во „Жито Полог“, каде, пак, 36,8 отсто од акционерскиот капитал го поседуваат 33 физички лица, чиј идентитет е непознат, бидејќи ниту еден од нив поединечно не располага со над 5 отсто од акциите.
Инаку, овој обид за целосно преземање на комбинатот за производство на мелнички и пекарски производи, тестенини и јајца, кој патем поседува сместувачки капацитети и има сопствена малопродажна мрежа, следува набргу откако Јордан Камчев се најде на „црната листа“ на САД, заедно со членови на неговото семејство и нивни компании.
„Господинот Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија – изјави Брајан Нелсон, потсекретар за тероризам и финансиско разузнување во Министерството за финансии на САД.
Во соопштението на американското Министерство се наведува и кривичното досие на Камчев, кое, според САД, трае од почетокот на милениумот, од кога, како што се нагласува, Камчев „интензивно се занимава со корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци.
Притоа, американските власти потенцираат дека Камчев во 2022 година беше осуден во судскиот процес на предметот „Парцели на Водно“, се потсетува дека тој се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на случајот „Империја“, додека Американците не го забораваат ниту неговото учество во случајот „Рекет“, кој предизвика крај на СЈО.
„Камчев ги искористи своето коруптивно влијание и своето богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист“, се истакнува во објавата на Вашингтон, што значи блокирање на имотот на Камчев во САД, но и имотот на нему блиски лица и компании, како и сите финансиски конекции со Америка и со американски државјани и компании.
Иако Вашингтон предупредува дека може да „настрада“ секој кој има финансиски врски со македонскиот бизнисмен, сепак, очигледно тоа не ги спречува Камчеви да водат бизнис-операции во земјава, вклучително и со компанија која е на американската „црна листа“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ