ОРКА Холдинг на Орце Камчев го демaнтира портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, кој денеска го праша опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дали Камчев е финансиер на изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ? Во демантот до медиумите, од компанијата посочуваат ниту една од фирмите на Камчев не била вклучена во финансирање на кампања на ДПМНЕ.
„Овие тврдења, кои се на ниво на шпекулации, произлегуваат единствено од меѓупартиското нетрпение и се резултат единствено на меѓупартиско препукување. Недозволливо е со цел освојување на ситни партиски поени да се задава ваков удар на приватните компании кои како значајна гранка од економијата на оваа држава успешно работат и без никакви државни тендери или државна помош вработуваат огромен број на луѓе и придонесуваат за нејзиниот развој. Во случајов, станува збор за компанија која моментално вработува 2670 луѓе и само во периодот од 01.01.2019 – 30.06.2019 година во буџетот на РСМ, по основ на различни даноци и придонеси исплатила 14 милиони евра, додека, во истиот период, по основ на плати за вработени исплатила бруто вредност од 17 милиони евра од кои 5 милиони евра за придонеси“, се наведува во демантот.
Воедно, од ОРКА Холдинг посочуваат дека државата и партиите треба да го поддржат и помогнат работењето на ваквите компании а не, како што истакнуваат од таму, да го рушат нивниот углед и да фрлаат црна сенка на нивното работење.