Организирано враќање за 160 македонски граѓани од Белгија и Франција, уште 35 се очекуваат од Абу Даби

by Frosina Fakova

Со организиран лет денеска вкупно 160 македонски граѓани се враќаат во земјава од Брисел и Париз (Бове).

Како што соопшти МНР, ова е досега 11-ти специјален лет откако на 27 март, годинава беше организиран од Министерството првиот чартер лет од Ла Валета на Малта за враќање во земјата на граѓаните затекнати во странство поради пандемијата на Ковид-19. За вечерва се најавува и организирано враќање на 35 наши државјани од Абу Даби преку аеродромот во Софија.

– Упатуваме благодарност за солидарноста и соработката до сите земји кои им помогнале на нашите граѓани, вклучително и на Владата на Република Бугарија за вечерашниот лет од Абу Даби до Софија, на кој се наоѓаат и 35 македонски граѓани, наведуваат од МНР.

На летот кон Белгија и Франција, во соработка со амбасадите на овие земји денеска е помогнато и на 71 странски државјани да се вратат во своите земји.

До овој момент, вкупниот број на репатрирани македонски граѓани во организација на МНР, а во тесна соработка со Генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство, изнесува 2.704. Од нив 1.745 се вратиле со специјалните чартер летови на авиопревозникот „Визер“, а 214 со хуманитарни конвои, додека пак на 526 граѓани (најчесто затекнати на други континенти), во соработка со министерствата за надворешни работи на повеќе држави и во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва им беше обезбедено непречено да транзитираат низ неколку држави со цел да дојдат до финалната дестинација, аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана, наведуваат од МНР.

Министерството продолжува во рамките на своите надлежности со активностите за безбедно враќање дома на затечени македонски граѓани во странство, се наведува во соопштението.

Поврзани новости