Организиран ќе го “чешла” тендерот, а тетовското обвинителство ќе ги бара причините за пожарот

by fokus

По пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 граѓани, и тетовското обвинителство, но и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе истражуваат.

Тетовското обвинителство ќе ги бара причините за пожарот, додека пак Организиран ќе ја чешла документацијата за јавната набавка на сите модуларни болници.

Обинителката Вилма Русковска за “Фокус” појаснува дека ќе се разгледува целокупната документација, бидејќи една јавна набавка е за сите модуларни болници, односно ќе испитуваат дали јавната набавка е спроведена според Законот за јавни набавки. Останатото, според шефицата на Организиран, е во надлежност на обвинителството во Тетово.

Од Министерството за здравство пак ја поздравуваат истрагата на обвинителството за трагедијата во Тетово и најавуваат дека во тие рамки ќе ја приложат целокупната потребна документација, вклучително со таа за поставувањто на сите модуларни ковид болници во земјава.

-Ги информираме јавноста и истражните органи дека стоиме на располагање на сите институции и сакаме да соработуваме и да ја приложиме целокупната документација со која располагаме, за поставувањето на сите 17 регионални ковид центри во државата. Стручни технички извештаи од извршените испитувања на отпорите на заштитното заземјување, испитување на непрекинатоста на заштитниот проводник и отпорите на распространување на инсталацијата за заштита од атмосферски празнења, сертификати за тестирање и квалитет на материјалите кои се вградени во префабрикуваните модуларни контејнери, сертификати за ѕидни и кровни панели, за подови, известувања за извршена хидро проба и тестирање на инсталираната водоводна мрежа, известувања за исполнетост на минимални технички барања во однос на конструкција, плафони, столарија, греење и ладење, инсталации и подови, изјава за сообразност, записници од примопредавање на префабрикуваните модуларни контејнери-регионални ковид центри, решенија за пренесување на вредност на модуларни контејнери, како и решенија за пренесување на вредност на инвентар и немедицинска опрема на болниците, се достапни за увид, се набројува во известувањето од МЗ.

Министерството за здравство објаснува дека, по поставувањето на модуларните контејнери се вршело нивно примопредавање, во што учествувале инженери од МЗ и од Министерството за труд и социјална политика, како и претставници од изведувачот и од болниците, со што објектите се предавале на болниците во целост, согласно техничките спецификации од договорот.

-Министерството за здравство, не сакајќи да се меша во јавнообвинителските одлуки и дејствувања, ниту да наштети на независната истрага што ја водат Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по претходна нивна дозвола, документацијата со која располагаме подготвени е подготвено да ја достави на увид, соопштија од МЗ.

Тендерот за изградба на 17 модуларни болници во земјава, минатата година ги доби велешката фирма „Брако“ заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра.

Валентина Вурмо

Поврзани новости