Иако сложни дека денес ќе излезат на протест пред Влада, во знак на револт против забраната за настапи, голем број од музичарите не знаат кој е организатор на најавениот протест. Најавата за протестот на кој се повикани естрадните уметници, свадбарската индустрија, но и угостителите и сите чија заработка на некој начин е поврзана со музиката и одржувањето на музички настани, веќе неколку дена масовно се споделува на социјалните мрежи.
Музичарите сложно порачуваат дека мора да им се реши проблемот, бидејќи се на раб на егзистенција, а многу од нив ни изјавија дека не знаат чија е иницијативата и кој е организаторот, но тоа и воопшто не им е важно, и без размислување ќе излезат на протест, затоа што се чувствуваат обесправени.
„Фокус” дознава дека официјално, како организатор на протестот е музичарот Даниел Сидовски од група „Респекти”. По негова иницијатива, ќе се одржи собирот кој е закажан денес со почеток од 14 часот, а ќе трае три часа. Во телефонски разговор, тој вели дека за сите барања и детално за проблемите на естрадата и останатата свадбарска индустрија денес ќе се зборува на протестот. Ги поканува сите кои се засегнати да излезат, и да им дадат поддршка.
-Не може поради одреден број на локали или пак пејачи кои не ги почитувале препораките, сите да страдаат. Мора да се најде решение, државата не смее за едни да биде мајка, а за други маќеа. Доколу надлежните останат глуви на пораките и барањата кои денес ќе ги упатиме, ние не запираме, ќе има и друг протест – вели Сидовски.
Околу револтот на дел од музичарите кон нивни колеги, кои и покрај јасните протоколи кои ги објави Владата, кога беше укината забраната за настапи, не ги почитуваа мерките, и на своите социјални профили објавуваа снимки на кои се гледа очигледното кршење на мерките, додека пеат помеѓу масите со гости, па дури и им седнуваат на маса, тој вели дека сите кои направиле прекршок треба да бидат санкционирани. Сепак, на прашањето дали и тие се добредојдени на протестот, одговара дека секој кој е засегнат од сегашната состојба може да им се приклучи.
Забраната за настапи во локали на музичари и диџеи, и најавениот протест се во центарот на вниманието на јавноста овие денови. Чести се обвинувањата дека доколку некој од естрада не подмирувал давачки кон државата, не треба сега да излегува со барања. Многу пејачи и пејачки, кои во минатото имаа навика да прикажуваат луксузен и лагоден живот, се најдоа на мета на осуди, а пораката од јавноста, доколку не можат во време на пандемијата да заработуваат од музика, да сменат професија, е се почеста.
Помеѓу музичарите, покрај револтот поради забраната за настапи, актуелни се и обвинувањата околу тоа како биле распределени владините средства во износ од 14.500 денари, за два месеци, кои ги добија околу 60 естрадни уметници како помош во време на криза.
-Срамота е што оваа помош ја добија пејачки кои имаат возни паркови вредни десетици илјади евра, кои и ова лето се фалеа со фотографии од луксузни летувања и брендирана гардероба, додека пак оние на кои помошта им беше најпотребна, останаа со празни раце. Финансиската помош требаше да заврши кај музичарите кои свират во групи, како придружба на познатите пејачи, бидејќи тие се најзагрозени во моментот – ни се пожалија голем број на свирачи.
-Јас не барав државна помош, бидејќи, да бидам реална, не сум дала ниту денар во државниот буџет, и мојата улога во земјава е единствено како амбасадор на нашата музика, на настапи надвор од земјава. Но, сметам дека имам право да заработувам, затоа и го поддржувам протестот – ни изјави позната фолк пејачка која најави дека ќе биде пред Влада денес во 14 часот.
И останати музичари кои заработуваат за живот од редовни настапи во локали, а немаат свои авторски музички материјали, велат дека мора да се покаже разбирање во случајов, бидејќи десетици илјади семејства се засегнати од забраната.
-Мора да се донесат измени во закон, за да можеме и ние да си плаќаме придонеси, не е исправно да бидеме обвинети дека не плаќаме данок, и тоа да се користи како оправдување дека сега не смееме да си ги бараме нашите права. И нам, на музичарите би ни одговарало доколку се донесат некои ставки со кои ќе се регулира нашата бранша, нашето професионално дејствување. Но, даноците сега не се тема која народот треба да ја актуелизира, туку треба да ни се помогне да не завршиме на улица, да се изнајде прифатливо решение за оваа група на граѓани, која не е во мал број – вели музичар од Скопје, кој со децении наназад заработува за живот од настапите во угостителски локали.
-За оваа немила состојба виновници се пејачите од странство, на чии настапи очигледно не се почитуваа мерките, но и лакомите угостители. Државата не смее сите да не казнува поради поединци – ни изјави популарен фолк пејач. Организаторот на протестот, Даниел Сидовски, апелира до поддржувачите, кои се очекува во голем број да излезат денес, дека секој кој нема да носи заштитна маска или пак нема да почитува растојание од 1,5 метри, ќе биде санкциониран.
Замоли да се почитуваат мерките за заштита, бидејќи не сака да му се наштети, него како на организатор, но и да не се прави штета на останатите сограѓани.
Вики Клинчарова