Организаторот на Пивофест кренал температура и не може да ги открие хонорарите на пејачите кои настапија

by fokus

Организаторот на Пивофест 2022, Пеце Стоикоски од Арт 10 продукција, поради здравствени причини не може да ги соопшти деталите во врска со хонорарите кои ги добиле изведувачите на манифестацијата која се одржа викендов во Прилеп.

Општина Прилеп му ја довери организацијата на 18-то издание на настанот на Стоикоски и неговата продукција, а вчера градоначалникот Борче Јовчески пред медиумите изјави дека се поминало во најдобар ред и имало над 100.000 посетители во тек на четиридневниот настан.

Како што првично изјавија од општината за ,,Фокус”, од општинскиот буџет биле одвоени два милиони денари за настанот, но практика било организаторот да обезбеди дополнителни финансии и од спонзори, односно од општествено одговорни компании.

Колку средства се собрале од спонзори, колку изнесува севкупниот буџет за манифестацијата, но и кои се хонорарите кои им биле исплатени на музичарите кои настапија на Пивофест- најмасовната општинска манифестација, барем засега нема одговор.

Од она кое Стоиковски го откри претходно, познато е дека сумите кои им се исплатиле на пејачите, кои претежно беа домашни изведувачи, се движеле од 600 до 10.000 евра. Уште пред да се одржи манифестацијата, тој за ,,Фокус” изјави дека веднаш по завршувањето, транспарентно ќе бидат објавени сите детали.

Сега пак, во телефонски разговор порача дека е со висока температура и не може да зборува, а потребните информации ќе ги споделел со јавноста во понеделник.

Годинава листата со имињата на изведувачите кои беа планирани да настапат на Пивофест, се менуваше до последен момент. Многу пејачи беа најавени, па беше соопштено дека нема да настапат, и тогаш организаторот за ,,Фокус” изјави дека всушност оние листи кои се објавувале на социјалните мрежи со логото на неговата продукција, се само предлог листи.
Публиката на Пивофест 2022 ја забавуваа Ламбе Алабаковски, Нино Величковски, Елена Петреска, Игор Џамбазов, Хари Мата Хари, Дивје Јагоде, Меморија, ДНК, Лозано, Некст Тајм, Суперхикс, Елена Велевска, Миле Кузмановски и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости