Без оглед на тоа што се наближува датумот на одржување на манифестацијата Пивофест Прилеп, официјалната листа со музички гости кои ќе настапат пред публиката се уште не е финална. Оној список со музички имиња кој се споделуваше на социјалните мрежи е само предлог листа, но не и конечна одлука околу имињата на музичарите. Тоа што се работи во пет до дванаесет е поради многу фактори, како на пример пандемијата, финансиите, договорите со пејачите за нивни хонорари и слободни термини – за ,,Фокус” открива Пеце Стоикоски од Арт 10 продукција, кој е задолжен за организацијата на настанот годинава.
Вели дека наскоро ќе бидат прецизирани сите детали, бидејќи уште течеле преговори со менаџери на многу музички ѕвезди, а годинава на Пивофест најмногу ќе бидат застапени македонските пејачи. Околу веста која деновиве беше актуелна, дека популарниот музичар Влатко Стефановски, чие име се наоѓа на првично објавената листа со потенцијални изведувачи, бил тргнат од програмата на фестивалот, затоа што прилепчани биле против негово гостување, вели е целосна невистина.
-Во оваа манифестација дефинитивно нема место за мешање на политика! Апсолутна невистина е дека Стефановски бил откажан, а луѓето на социјалните мрежи можат да пишуваат што сакаат. Тој е голем професионалец и неговото име се најде со причина на предлог листата со изведувачи. Можам да потврдам дека се уште се преговара со менаџерски тимови, и јас не гледам никаква причина зошто Стефановски да не гостува доколку договориме хонорар и има слободен термин.
Значи, никој не го тргнал него од програмата, преговорите со десетици уметници се во тек, да не наседнува јавноста на шпекулации зад кои се кријат некакви партиски или лични мотиви. Не не интересираат политички партии и ставови, Пивофест е стопанска, туристичка и културна манифестација и работиме напорно да имаме одличен фестивал годинава – појаснува Стоикоски.
Додава дека тој го организирал Пивофест од 2003 до 2005 година и на почеток настапувале само македонски изведувачи, а градот бил преполн со посетители од цела земја. Потенцира дека мора да се цени македонската музика и да се промовира пред светот, посебно на вакви, општински манифестации.
-Ова е првенствено стопанска манифестација, каде луѓето доаѓаат на пиво и на познатата прилепска скара. Не може да се менува концептот, па од стопански да станува концертен настан, да се носат на пример скапи балкански ѕвезди и луѓето да доаѓаат само на концерт. Овој настан треба да придонесе за економијата во општината, луѓето кои ќе дојдат да го прават тоа првенствено поради промоцијата на пиво и скара, а не исклучително поради музичките гости.
Имаме голем број на квалитетни македонски изведувачи кои имаат што да понудат и уверен сум дека тие ќе го наполнат плоштадот, односно ќе привлечат многу гости во градот.
Неофицијално, околу 90 проценти од музичарите годинава ќе бидат наши ѕвезди, но се преговара и со неколку регионални пејачи. Потпис и печат уште нема на договорите, станува збор за тековни разговори. Околу хонорарите, можам да кажам дека нашите пејачи имаа разбирање за актуелната економска состојба и излегуваат со разумни цени. Хонорарите кои ги бараат се движат од 1.000 до 10.000 евра, а по финализирањето на договорите, транспарентно ќе ги објавиме сите суми – вели Стоикоски.
Од Општина Прилеп пак, вчера за ,,Фокус” потврдија дека од буџетот одвоиле два милиони денари за настанот. Според Стоикоски, потребна е и поддршка од приватниот сектор, за да се направи манифестација на ниво, и тој апелира до стопанствениците да се вклучат со свои спонзорства.
-Секако дека е потребна поддршка, бидејќи се работи за настан кој го промовира градот, кој носи гости од цела земја. Во иднина, планирам Пивофест на оди на повисоко ниво, да се премести на нова локација, да има маси и столици пред големата сцена, да се привлечат гости и од регионот, па ако е потребно, ќе се носат и големи светски, а не балкански музички имиња.
Целта е таа, да го ставиме Пивофест на мапата на големи атракции, да стане светски препознатлив настан кој ќе носи десетици илјади посетители и од други земји. Кога зборувам за поддршка, се мисли на финансиска поддршка од приватниот сектор, но секако очекуваме и поддршка од нашите медиуми, затоа што ние сме тие кои треба да покажат дека си го цениме нашето, за да потоа очекуваме и другите и да не ценат – порача организаторот на Пивофест 2022.
Вики Клинчарова